Дагур Сигурдсон станува „сè поголем Хрват“

Откако заврши ракометната еуфорија во Хрватска по среброто на Светското првенство и топлиот дочек на репрезентативците, името на исландскиот стратег Дагур Сигурдсон малку се повлече од прв план.

Сепак, селекторот на Хрватска најде интересен начин да го искористи заслужениот одмор од ракометот – пријавил курс за управување со брод!

„На препорака на прославениот ракометар Иван Нинчевиќ, на курсот за управување на бродче се запиша Дагур Сигурдсон, селекторот на хрватската ракометна репрезентација и освојувач на среброто на последното Светско првенство. Среќно, селекторе, со новите предизвици!“, се вели во објавата на „Морски лиценци“ на социјалните мрежи.

Овој потег уште повеќе го доближи Сигурдсон до хрватската публика, која со симпатии го гледа како „почесен Хрват“.

И додека учи за управување со бродче, веројатно внимателно ги следи настапите на своите репрезентативци низ Европа, бидејќи Европското првенство во јануари се приближува – а Хрватска ќе игра во група со Грузија, Холандија и Шведска.