ЧСМ му го нанесе првиот пораз на Ѓер, Оденсе и Брест си ги поделија бодовите!

На денешната програма во Лигата на шампионите во женска конкуренција беа одиграни четири натпревари, највозбудливо беше на натпреварите меѓу Ѓер и ЧСМ Букурешт, односно Оденсе и Брест Бретањ.

Романскиот шампион ЧСМ Букурешт на гостувањето во Унгарија кај Ѓер направи изненадување и славеше со два гола разлика, 26:24. Ракометарките на Адриан Василе победата ја обезбедија со подобрата игра во првото полувреме, кое го добија со 15:9.

Предводничка во победничката екипа беше Грас Заади, постигна осум погодоци, четири додаде Трине Јенсен. Кај Ѓер се истакнаа Вероника Кристијансен и Викторија Лукач, двете ракометарки реализираа по шест пати.

На две кола пред крајот од групната фаза, тимот на Ѓер е веќе директно пласиран во четвртфиналето, бидејќи е првопласиран во групата Б, додека ЧСМ Букурешт останува во борба за второто место, на кое моментално се наоѓа Оденсе со 17 бодови, романскиот шампион има два бода помалку, односно 15.

Оденсе и Брест Бретањ си ги поделија бодовите, откако возбудливиот дуел во Данска заврши без победник, 29:29. Иако Брест Бретањ имаше два гола предност во завршниот дел, 29:27, сепак, домаќинките со два гола во низа дојдоа до многу важен бод на свое конто.

Во останатите натпревари, победа остварија екипите на Икаст, кој славеше над Крим, како и актуелниот бранител на титулата, Вајперс Кристијансад. Норвешкиот тим без проблеми го доби дуелот против Заглебје Лубин.

Будуќност вчера се радуваше на првата гостинска победа. Ракометарките на Бојана Поповиќ во Шведска триумфираа над Савехоф со 27:23 (12:13)

ЛШ, 12. КОЛО, РЕЗУЛТАТИ:

САВЕХОФ – БУДУЌНОСТ 23:27 (12:13)
ОДЕНСЕ – БРЕСТ БРЕТАЊ 29:29 (14:14)
ЃЕР – ЧСМ БУКУРЕШТ 24:26 (9:15)
ВАЈПЕРС – ЗАГЛЕБЈЕ 28:24 (15:10)
КРИМ – ИКАСТ 28:34 (15:18)

Во второто по ранг европско клупско натпреварување – Лигата на Европа, во рамки од 4. коло од групната фаза беа одиграни четири дуели.

ЉУБИН – БЕНСХАЈМ 34:32 (19:17)
МОШОНМАЃАРОВАР – МАЛАГА 25:23 (14:11)
ТАРГУ – СОЛА 21:31 (9:18)
ТУРИНГЕР – ШАМБЕРИ 29:22 (14:9)