Лино Червaр, најуспешниот хрватски ракометен селектор на сите времиња, човекот што ја возвиши ракометната игра и воведе елементи кои и ден-денес се користат во спортот, и натаму го следи секој детаљ од неа.
Во интервју за хрватскиот „Нет“ повторно зборува отворено за проблемите со правилата во ракометот, за тоа дека спортот е загрозен, дека правилата се скроени да им одговараат на Скандинавците, дека доминираат ниските и брзи играчи…
„Морав да ви го кажам ова затоа што ситуацијата е алармантна и загрижувачка во врска со ракометот. Тоа не е само флоскула на Лино Червaр, туку многу луѓе сметаат дека ракометот повеќе не е интересен и оди во погрешна насока. Сите ја следевме завршницата на Лигата на шампионите и победата на Магдебург. Секој има свое мислење, и треба да се почитува – и моето и туѓите. Гледаме коментари во медиумите, што е добро. Но ние, што работиме во спортот, мораме да извлечеме поуки – каде сме сега и каде оди клупскиот ракомет, изјави Червар.
Хрватската легенда вели дека пресвртот се случи во 2022 година.
„Револуцијата во ракометот се случи во март 2022 кога Пер Мортен Содал, претседател на комисијата за судии и правила при ИХФ, донесе нови правила. Тие важат од 1 јули 2022 и целосно го сменија ракометот. Сега нападот трае околу 20 секунди. Играчите мораат брзо да шутираат, инаку судијата ја одзема топката. Тоа го доведе ракометот до транзициона игра. Бројни се проблемите – се зборува дури и за доведување на статусот на ракометот како олимписки спорт во прашање“, вели Червар.
Некогашниот стратег на Металург и екс селектор на Македонија вели дека правилата се нејасни и зависат од судиска проценка.
„Нема јасни критериуми за пробивање, пасивна игра, сè зависи од судијата. Тоа создава простор за манипулации. Колективната игра исчезна – сега се истакнуваат индивидуалци. Победникот на годинешната лига на шампиони, Магдебург има три скандинавски индивидуалци што решаваат натпревари. А токму поради новите правила ги изгубивме класичните шутери како Лацковиќ кои можат од дистанца да погодат. Сè се сведува на туркања и изнудувања, и да се види кој кого го фатил за врат, за уво или за нос. Ќе додели ли судијата две минути или директен црвен картон“, вели Червар.
Тој тврди дека сите спортови напредуваат освен ракометот и вели дека на нашиот омилен спорт му требаат конкретни правила.
„Ракометот е единствениот колективен спорт кој не напредува. Пример – порано Русија со високи играчи, денес се фаворизираат ниски, моторни индивидуалци. Ги загубивме високите играчи и се ориентираме на специјалци. Сите играат 6-0 одбрана – реактивна е, не создава креативност. На ракометот му требаат конкретни правила и само така ќе го реафирмираме спортот, кој може да биде најдобар спорт во сала. Тоа е европски производ. Не можеме да стигнеме САД во кошарка, колку и добри играчи да имаме. Скандинавците ги направија правилата како да си шијат свое одело – по нивна мерка, како ним им одговара. Со претходните правила не можеа да ги постигнат резултатите што сега ги имаат. Од последните пет светски првенства, на три беа домаќини. Презедоа апсолутна доминација. Правилата се скроени по нивна мерка. Тоа ми е неверојатно, поразително, лудо“, заврши Червар.
Трофејниот хрватски стратег по подолго време ќе дојде во Македонија и ќе биде промотор на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во Охрид од 19 до 23 август.