Бура и Ристевски: Победа си е победа, но мораме многу посериозно во иднина

Ракометарите на Охрид по поразот од Еурофарм Пелистер, им се вратија на победите во суперлигашкото друштво.

Иако потешко од очекувањата, избраниците на Стевче Алушовски стигнаа до седмата победа, откако славеа против Пролет со 32-29.

Голманот Бобан Ристевски вели дека победа си е победа, без разлика на кој начин стигнале до неа.

„Победа си е победа, бодовите се на нашето конто. Мислам дека влеговме несериозно во натпреварот, тоа го покажа резултатот, но останавме истрајни до крај и остваривме победа. Мора да бидеме поборбени, многу посериозни и не само со Пролет, туку и со сите останати екипи“, изјави Ристевски.

Десниот бек Луцијан Бура смета дека навреме се вратиле на вистинскиот колосек.

„Влеговме лошо во мечот, со неколку грешки и промашени шутеви, не стигнавме да се одвоиме на висока разлика. Вториот дел го почнавме исто така со грешки, иако доаѓавме лесно до позиции за шут, нивниот голман имаше одлични интервеции. По тајм-аут се средивме, се вративме на вистинскиот пат и дојдовме до очекуваната победа, многу потешко од што мислевме. Се обидовме да се подготвиме уште подобро за натпреварот кој не очекува со Турда, дел од тактиката ја спроведовме и на овој меч, можеби и затоа правевме некои грешки, но одиме посериозно во Романија и се надевам дека се враќаме со победа“, изјави Бура.

Охрид сега ќе се насочи кон европските обврски, а следен предизвик во домашното првенство ќе му биде гостувањето кај Куманово на 30 октомври.