Женската сениорска репрезентација на Македонија по пет години забележа победа на гостински терен во квалификации за големо натпреварување.
Нашите ракометарки славеа кај Литванија со 31-28 и практично го обезбедија настапот на Европското првенство во 2024 година.
Една од асистентите на селекторот Кристијан Грчевски, Едуарда Аморим Талеска вели дека следниот натпревар мора да се игра уште подобро.
„Се мачевме многу. Не успеавме да реализираме некои од нашите планови. Игравме подобро во одбраната и затоа победивме. Беше добар натпервар, но верувам дека следниот пат може да одиграме уште подобро“, вели Аморим Талеска.
Селекторот на Литванија, Каролис Каладинскас вели дека неговата селекција не се откажува од борбата за билет за ЕП 2024.
„Мечот беше тежок. Се боревме до крај, но ривалот беше посилен. Фановите и одличната атмосфера ни помогнаа многу. За жал, бевме блиску до добар резултат, но не се откажуваме и ќе продолжиме да се бориме за место на ЕП 2024 година“, вели литванскиот селектор.
За Македонија во март догодина следуваат два меча со првиот фаворит Шпанија, додека во април следуваат уште по еден дуел со Литванија и Азербејџан.