Ако Македонија се пласира на СП нема да игра во Штутгарт – Германците распределија „домаќинства“

Ако машката репрезентација на Македонија ја мине Словачка (или Украина) во третиот и последен бараж за СП 2027, тогаш нема да игра во градот Штутгарт.

Извршниот Комитет на ИХФ ги распредели „домаќините“ на групите на Мундијалот. Maкедонија ако ја заврши работата во третиот бараж ќе биде во втор шешир во ждрепката за групите, а селекциите на кои се исто така дел од овој шешир – Франција и Швајцарија ќе бидат домаќини во Штутгарт.

Оваа распределба на репрезентации по градовите-домаќини, вообичаена за големите меѓународни натпреварувања, има за цел да обезбеди оптимални натпреварувачки и логистички услови, како и исполнети арени со навивачи.

При распределбата, организаторите ги земаат во предвид факторите како патувањето, локалната навивачка база и капацитетите на арените…па покрај Германија (Минхен) и Данска (Кил), за кои од претходно се знаеше каде ќе играат, сега ИХФ потврди уште шест „домаќини“.

Одлуките се темелат на комбинација од логистичка оправданост и навивачки потенцијал. Освен Данска, во Кил ќе настапува и Шведска, што ќе донесе силно скандинавско присуство на трибините и дополнително ќе ја засили атмосферата.

Исланд ќе биде базиран во Магдебург, град чиј клуб има неколку исландски репрезентативци, што гарантира силна локална поддршка. Хрватска ќе игра во Минхен, каде што живее бројна хрватска дијаспора, што веќе се покажа како успешен рецепт за одлична атмосфера на претходните турнири.

Франција и Швајцарија, доколку се квалификуваат, ќе играат во Штутгарт – град со одлична географска позиција, блиску до двете земји, што ќе го олесни патувањето на навивачите и ќе обезбеди висока посетеност.

Групи СП 2027 и градови-домаќини:

група А: Германија – Минхен
група Б: Швајцарија – Штутгарт*
група Ц: Хрватска – Минхен
група Д: Франција – Штутгарт*
група Е: Шведска – Кил
група Ф: Португалија – Магдебург
група Г: Данска – Кил
група Х: Исланд – Магдебург

Доколку Швајцарија или Франција не обезбедат пласман на СП преку третиот бараж нивните места во групите во Штутгарт ќе ги заземат нивните ривали Италија и Чешка.

Ждрепката за групите на Мундијалот ќе се одржи на 10 јуни во Минхен, а Македонија своите натпревари за пласман на СП ќе ги одигра на 13/14 мај на гости и на 17 мај во Скопје.

Нашата селекција ќе биде во втор шешир и распределбата по групи на дел од репрезентациите значи дека Македонија нема да игра против Египет и Аргентина од првиот шешир, а листата е скратена на шест можни ривали од прв шешир – Данска, Шведска, Хрватска, Исланд, Германија и Португалија.