Неполна недела после прекинувањето на натпреварувањата во сите лиги во Македонија останува неизвесно прашањето како годинава ќе биде добиен шампионот со оглед на тоа што ситуацијата со вирусот Корона и понатаму е иста односно далеку е од можноста за враќање на ракометарите на терените.
Супер машката лига, Женската лига и Првата машка лига се официјално на пауза до 27 март. Сепак, прашање е дали ќе може натпреварите да продолжат и после овој датум и сè ќе зависи од тоа какви ќе бидат препораките од Владата во следниот период. Оттаму во моментов се поставува прашањето што би се случувало доколку после 27 март постојат услови за играње односно што би било доколку дојде до ново пролонгирање.
Постојат неколку варијанти во игра. Најбезболната според која сè би завршило во предвидениот рок е ситуацијата да се среди и натпреварите да продолжат на крајот од месецов. Во таков случај ќе може со 2 или 3 вонредни кола плеј-офот да биде завршен навреме. Веќе се знаат екипите кои ќе играат во плеј-оф, па и ова би била некоја олеснителна околност. Во ваков случај истото ќе важи и за плеј-аут лигата односно и таму ќе може со две до три среди да се заврши навреме оваа сезона и шампионот да биде добие на терен.
Прашање е што би се случило доколку продолжи наредбата за неиграње и во април, па истата се пролонгира можеби и за втората половина на месецот. Тогаш веќе ќе се дојде во ситуација да нема доволно време односно да нема простор за играње на сите десет кола од вториот дел од сезоната. Дали во ваква ситуација ќе се пристапи кон играње турнирски или можеби ќе се дојде до модел во кој би дошло до поделба на тимовите во две групи, па после тоа првопласираните би разигрувале за титулата.
Во таков случај Вардар и Еурофарм Пелистер би биле носители на групите. Според пласманот во регуларниот дел Металург и Охрид би биле во вториот шешир, а Пролет 62 и Бутел Скопје во третиот. Ова е, сепак, засега далеку и од размислување и сите се во исчекување на тоа како ќе се развива ситуацијата.
Секако тука како опција постои и можност што би се случило доколку забраната остане можеби и до мај. Во таква ситуација надлежен е Управниот одбор кој ќе треба да го има последниот збор и да донесе одлука како би се добил шампионот. Со оглед на тоа што следната сезона Македонија има загарантирано место во Лигата на шампионите и три во Купот на ЕХФ едноставно мора да се има распоред на најдобрите екипи во шампионатот.
Засега сето ова се само опции, а која од нив ќе дојде до реализација односно ќе биде реализирана на дело ќе се знае откако ќе се знае и ситуацијата со Корона вирусот.