Трансфер-сагата околу Јоханес Гола добива нов пресврт. Капитенот на германската репрезентација ја повлече вонредната изјава за раскин на договорот со Мелсунген, но неговата желба останува иста - сака да се врати во Флензбург. Поранешниот клуб веќе понудил околу 700.000 евра, но Мелсунген ја одбил понудата.
Еден од најголемите трансфер-случаи во европскиот ракомет продолжува да се развива. Јоханес Гола, кој летово се пресели од Фленсбург во Мелсунген, ја повлекол вонредната изјава со која бараше предвремено раскинување на договорот.
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet . Со еден клик до сите вести.
Тоа, сепак, не значи дека се откажал од заминување. Гола и натаму сака да се врати во Фленсбург, клубот во кој мина осум години и во кој четири сезони беше капитен. Сега решение се бара преку директни преговори меѓу двата клуба.
Фленсбург веќе направил конкретен чекор. Според информациите на германската агенција ДПА, клубот понудил околу 700.000 евра за предвремено ослободување на Гола од договорот.
Мелсунген ја одбил понудата. Германските извори наведуваат дека клубот бара милионска сума за да се согласи на предвремена разделба со играч кој има договор до летото 2031 година. Тоа е и разбирливо од спортски аспект. Мелсунген го донесе Гола како еден од клучните играчи на новиот проект, а тој во клубот пристигна дури во јули годинава.
Само неколку месеци подоцна, ситуацијата целосно се промени. Дополнителна компликација е клаузулата во договорот на германскиот пикер. Според „Sport Bild“, во договорот е предвидена откупна сума од 500.000 евра плус данок, која важи ако интерес покажат шест конкретни клубови – Фленсбург, Барселона, Келце, ПСЖ, Рајн Некар Левен и Кил.
Но токму околу тоа кога може да биде активирана клаузулата постои правна дилема. Во документот стои дека можноста може најрано да стапи во сила на 30 јуни 2028 година, додека различни страни различно го толкуваат останатиот дел од формулацијата. Ако Мелсунген не обезбеди европски настап, предвидената сума се намалува на 375.000 евра.
Поради тоа трансферот за летото 2027 – или евентуално уште порано, не може едноставно да биде реализиран со активирање на клаузулата. Засега мора да има договор меѓу клубовите.
Капитенот на Германија претходно јавно објасни дека причините за неговата желба се семејни. Гола призна дека одлуката да потпише за Мелсунген била донесена многу порано, а во меѓувреме животните околности на неговото семејство се промениле.
Во својата јавна реакција тој нагласи дека ситуацијата веќе не е само прашање на носталгија и дека сериозно влијае врз неговата ментална состојба. Мелсунген потоа потврди дека причините за неговото барање се поврзани исклучиво со семејната ситуација. Гола продолжи нормално да тренира и да настапува за Мелсунген и покрај целата ситуација.
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet . Со еден клик до сите вести.


























