Гледајте ВО ЖИВО, Вибжеже Гдањск – Еурофарм Пелистер, ТУКА* / ТУКА**
*линковите се активни половина час пред мечот
**ЕХФ ТВ работи со претходна регистрација и претплата
***преносот во Македонија може да го следите на Арена Спорт Македонија
Гледајте ВО ЖИВО, Вибжеже Гдањск – Еурофарм Пелистер, ТУКА* / ТУКА**
*линковите се активни половина час пред мечот
**ЕХФ ТВ работи со претходна регистрација и претплата
***преносот во Македонија може да го следите на Арена Спорт Македонија

Еурофарм Пелистер би можел дополнително да го менува и засилува играчкиот кадар во продолжението од сезоната. Тренерот Лино Червар не ја исклучи таа можност, нагласувајќи дека пред екипата има уште многу натпревари и дека конечните одлуки ќе зависат од развојот на ситуацијата.
На дуелот со Бутел се појави и Саду Н’танзи кој извесен период е со тимот, но дури сега ги доби потребните документи и дебитираше за битолчани.
По поразот од Ла Риоха и победата над Бутел, Червар потенцира дека ракометарите се свесни оти мораат да работат повеќе. Според него, проблемите не се поврзани само со тактичката подготовка, туку и со индивидуалниот квалитет, искуството и приспособувањето на новите играчи.
„Ракометарите се свесни за ситуацијата и многу разговаравме на таа тема. Знаат дека мора да работиме уште повеќе. Треба да поправиме многу технички работи, но не е сè само во тактиката. Потребни се индивидуален квалитет, искуство и тренинг. Некои работи не можат да се добијат веднаш. Имаме многу работа пред нас“, изјави Червар.
Во текот на летото во Битола пристигнаа неколку нови ракометари, а искусниот тренер смета дека не може да се очекува тие веднаш целосно да се вклопат во екипата.
„Имаме нови играчи, а за некои од нив ова практично беа првите натпревари. Не може веднаш да се донесува конечен суд. Потребно им е време за да се приспособат, а верувам дека со помошта на поискусните ракометари тој процес ќе биде полесен. Мора да продолжиме да тренираме и да бидеме трпеливи.“
Запрашан дали може да се очекуваат нови играчи доколку резултатите не бидат според очекувањата, Червар остави отворена врата за промени во составот.
„Преодниот рок сè уште е отворен и сè е можно. Пред нас има уште многу натпревари и ќе видиме како ќе се развива ситуацијата. Не можеме однапред да кажеме што ќе се случи. Ништо не се решава по само неколку натпревари.“
Червар потврди и дека Еурофарм Пелистер ќе биде последната станица во неговата богата тренерска кариера, но најави дека ќе продолжи да работи со истиот интензитет.
„Ова дефинитивно е мојата последна тренерска станица. Без оглед на сè, јас сум голем работник и ќе продолжам да работам. Ги почитувам конкурентите кои играат добро, остваруваат резултати и имаат добри тренери. Сепак, јас сум натпреварувач и морам да се борам. Ги следам и другите клубови и гледам дека има екипи кои играат добро. И Вардар имаше тешкотии, а силната конкуренција е добра за македонскиот ракомет“, заврши Червар.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾

По поразот од Ла Риоха на домашен терен, ракометарите на Еурофарм Пелистер ги очекува нов натпревар и голем предизвик во групната фаза од Лигата на Европа. Пелистерци ќе гостуваат кај Вибжеже Гдањск во натпревар во „ЕРГО Арена“ утре со почеток од 18:45 часот.
За македонскиот вицешампион ова ќе биде нов сериозен европски предизвик, но и можност да дојде до првите бодови во групата, по неочекуваниот пораз од шпанскиот тим во првото коло.
Вибжеже, пак, со голема самодоверба го очекува натпреварот. Полскиот тим имаше одлична премиера во ЛЕ, откако на гостувањето кај германскиот фаворит Гумерсбах славеше со 38-34.
Во Гдањск добро знаат каков противник ги очекува, а тренерот Патрик Ромбел одлично го познава Жарко Пешевски, со кој соработуваше во Мотор Запорожје. Полскиот стратег има само позитивни зборови за македонскиот репрезентативец.
„Неверојатен човек. Ние го донесовме во Мотор, така што, тој беше мој трансфер. Како човек и како играч остави многу позитивен впечаток кај мене. Многу е вреден, има добар карактер и многу придонесува во нападот. Одлично игра блокови, ги фаќа топките, ефикасен е и борбен. Имам само позитивни спомени“, вели Ромбел.
Тренерот на полскиот состав очекува физички тежок натпревар против битолчани и посебно го истакнува искуството на Еурофарм Пелистер.
„Еурофарм Пелистер има неколку многу искусни играчи и добро подготвен тим. Ќе има многу борба“, оценува Ромбел.
Мечот меѓу Вибжеже Гдањск и Еурофарм Пелистер се игра утревечер од 18:45 часот.

Македонскиот репрезентативен голман Мартин Томовски продолжува со одличните настапи во Бундес лигата, а тие не остануваат незабележани ниту во неговиот клуб.
По фантастичните 16 одбрани против Магдебург, Томовски повторно беше меѓу најдобрите поединци на Битигхајм во дуелот со гигантот Фуксе Берлин.
Иако Битигхајм претрпе минимален пораз од 32-31, македонскиот чувар на мрежата имаше уште една блескава вечер.
Томовски натпреварот го заврши со 14 одбрани, со кои во голем дел од средбата го одржуваше својот тим во игра против фаворизираниот противник.
Колку импресивно беше неговото издание најдобро покажува реакцијата на самиот клуб. Битигхајм на социјалните мрежи објави видео со дел од најдобрите интервенции на македонскиот голман, а снимката ја проследи со кратка, но јасна порака.
„Овој човек е од друг свет.“
Томовски со своите партии полека се наметнува како една од клучните фигури на Битигхајм, а неговата одлична форма е одлична вест и за македонската репрезентација пред стартот на квалификациите за ЕП 2028 и настапот на СП 2027.
View this post on Instagram

Четири македонски претставници Вардар, Еурофарм Пелистер, Охрид и Бутел Скопје во следниот период ќе ги одиграат своите европски натпревари во Лигата на шампионите, Лигата на Европа и ЕХФ Купот.
Вардар го очекува двомеч со Висла Плоцк, како и домашен натпревар со Мелсунген и гостински двобој со Нант. Висла Плоцк имаше победничко загревање за гостувањето во Скопје и успеа да слави против Сласк Вроцлав со 43-25. Мирко Алиловиќ се врати во ростерот на Висла и заедно со Миљан Вујовиќ комбинираа десет одбрани, а меѓу стрелците се истакна Михал Дашек со девет, а по шест пати стрелаа Јанц, Сита и Бјере. Висла Плоцк по пет кола има пет победи во Полска.
Германскиот Мелсунген на свој терен беше подобар од Хановер со 28-22, додека Нант беше подобар од Данкерк на гостински терен со 31-24. Во тимот на Парондо, голманот Симиќ имаше 15 одбрани, а по четири гола дадоа Менсинг, Стефансон и Гола. Кај Нант голманот Бонде запиша девет интервенции, Брие даде шест гола, а Тарафета стрелаше пет пати.
Еурофарм Пелистер го чека дуел со Вибжеже Гдањск, кој во победничка атмосфера ќе го чека македонскиот вицепрвак. По високиот триумф кај Гумерсбах, Вибжеже славеше на домашен терен против Пјотрковија со 38-23, a најдобар стрелец беше Томчак со седум гола, додека екс пивотот на Вардар, Патрик Валчак не играше. Тимот од Гдањск по пет кола има три победи и два порази, од кои еден на домашен терен.
Бундеслигашот Гумерсбах по шокот во Лигата на Европа, загуби и на гостински терен кај Кил со 29-26, додека Ла Риоха беше подобра на домашен терен во Асобал лигата од составот на Пуерто Сагунто со 36-32. Во шпанскиот тим голманот Хоан Ледо одново блескаше и запре 19 удари, додека Пресиадо и Оливеира дадоа по шест гола. Кај Гумерсбах голманот Облинг запиша 14 интервенции, додека Шрулоф со шест и Видарсон со пет гола беа најефикасни.
Противникот на Охрид, Спор Тото запиша нова победа во турскиот шампионат. На домашен терен беше подобар од Гиресунспор со 39-23. Билим со осум и Озтурк со шест погодоци беа најдобри во тимот со кој ќе се соочат „гладијаторите“.
Ривалот на Бутел Скопје, хрватската Горица беше подобра од Трогир на домашен терен со 25-23. Чавар, Караула и Грубишиќ одново беа во центарот на вниманието, а голманот Сориќ имаше 15 интервенции, па бутелци веќе знаат од каде ќе доаѓа најголема опасност пред двомечот во ЕХФ Европскиот Куп. Горица заедно со Загреб се единствените екипи без пораз во Хрватска по четири одиграни кола.
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet . Со еден клик до сите вести.

Вардар го доби дербито против Охрид со убедливи 27-18, откако уште во првото полувреме изгради висока предност од 14-6. Тренерот Иван Чупиќ беше задоволен од агресивноста во одбраната и трпението во нападот, но потенцира дека дуелот со Висла Плоцк во Лигата на шампионите ќе биде сосема поинаков предизвик.
Црвено-црните од почетокот го наметнаа својот ритам, ја контролираа средбата и не му дозволија на Охрид сериозно да се врати во натпреварот. За Чупиќ, ова издание претставува потврда дека екипата се движи во посакуваната насока.
„Мислам дека сигурно сме на вистинскиот пат. Овој натпревар, по речиси два месеца работа, беше патоказ за тоа како сакаме да играме во одбраната, колку сакаме да бидеме агресивни и колку трпение сакаме да имаме во нападот. Можеби во последните десетина минути нападот не беше онаков каков што очекувавме, но кога имате предност од девет или десет гола, тогаш тоа не е толку важно за конечниот впечаток од натпреварот“, изјави Чупиќ.
Високата победа доаѓа пред новиот предизвик во Лигата на шампионите, каде Вардар ќе ја пречека Висла Плоцк. Сепак, тренерот на црвено-црните не сакаше да ги споредува двата натпревари.
„Не би го поврзувал овој натпревар со Висла. Тоа е нешто сосема друго. Без намера да го омаловажуваме Охрид, Лигата на шампионите е друго ниво. Интензитетот, судењето и квалитетот на интернационалците се поинакви. Висла е екипа која со години настапува во Лигата на шампионите и нè очекува многу тежок натпревар.“
Чупиќ очекува уште подобро издание на својот тим и верува дека со поддршка од исполнетите трибини Вардар може да стигне до првата победа во елитното европско натпреварување.
„Против Висла сите сегменти од нашата игра мора да бидат добри и мора да бидеме уште поквалитетни. Нè очекува тежок натпревар, но сите натпревари во Лигата на шампионите се тешки. Така ќе се поставиме и така ќе се подготвуваме. Се надеваме дека пред полна сала ќе успееме да стигнеме до првата победа во Лигата на шампионите“, заврши Чупиќ.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾
Дерби само на хартија: Вардар го надигра Охрид во „Јане Сандански“