
Андреа Лекиќ повторно е во Македонија. Местото е Охрид, поводот е „Трофеј на Македонија“ и првиот Женски ракометен форум, но овојпат нема дрес, нема подготовка за натпревар и нема топка во рацете.
Улогата е сосема поинаква.
По завршувањето на големата играчка кариера, Лекиќ денес има директна одговорност за женските репрезентативни селекции на Србија. Треба да гледа неколку чекори подалеку, да проценува, да создава систем и, како што самата вели, да се грижи секоја девојка која ја претставува Србија да почувствува дека има поддршка.
Македонија, сепак, останува нешто посебно.
„Годините во Македонија се едни од најубавите години во мојата кариера. Кога ве врзуваат убави чувства за клубот, луѓето и земјата, секогаш е убаво повторно да се вратите. Сега сум во сосема поинаква улога и со поинаква одговорност. Можам слободно да кажам дека одговорноста е и поголема, затоа што кога сте задолжени за женскиот ракомет и водите грижа за девојките кои ја претставуваат Србија, тоа е голема работа, но и огромна чест за мене.“
Женскиот форум не смее да остане само еден настан
Лекиќ со задоволство ја прифати и идејата за Женскиот ракометен форум во Охрид. Но, пораката е јасна – не е доволно само еднаш да се соберат големи имиња и да се разговара.
„Многу ми е драго што се организира Женски ракометен форум и, колку што знам, ова е прв ваков форум во Македонија. Со тоа веќе почнуваат да се поместуваат некои граници. Но, многу е важно да не застанеме тука. Би сакала ова да стане традиција и другите земји да преземат слични иницијативи. Нам ни е потребна и помошта од медиумите. Колку повеќе ракометот е присутен во медиумите, толку повеќе живее спортот и толку повеќе сме присутни и ние. За мене форумот е само една ставка во целокупното планирање на иднината на женскиот ракомет. Важно е што тука ќе дојдат и многу млади девојки, кои ќе имаат можност да слушнат како навистина изгледа професионалниот спорт – што носи со себе, дека има убави, но и тешки моменти. Сепак, тоа е едно прекрасно патување кое секој млад спортист треба да го почувствува.“

Повеќе не гледа натпревар како поранешна ракометарка
Променетата улога го променила и начинот на кој Лекиќ денес го гледа ракометот.
Кога е на трибините или покрај теренот, повеќе не гледа само кој дал гол или кој направил грешка.
„Веќе не гледам меч како поранешна ракометарка. Многу подлабоко ги гледам улогите на сите играчи. Да се биде играч и да се биде во оваа функција се два сосема различни света. Сега се трудиш правилно да процениш. Но, јас никогаш не мислам дека една личност сама треба да носи суд за некого. Затоа имам тим на луѓе со кои размислуваме заедно. Цел живот сум навикната да функционирам во тим и сакам околу себе да имам луѓе на кои можам да се потпрам. На овој турнир имаме можност да вклучиме голем број млади ракометарки и за нас е многу важно да видиме кои од тие девојки во иднина можат да стасаат до сениорската репрезентација.“
„Нема ништо поубаво од тоа да бидеш професионален спортист“
Преминот од теренот кон новата функција не бил толку лесен колку што можеби изгледа од страна. Еден момент особено ja погодил.
„Најтешко ми беше на еден натпревар на Светското првенство, кога првпат бев покрај теренот во новата улога. Емотивно ми беше многу тешко да направам разлика и да прифатам дека повеќе не сум играч и дека не сум дел од таа најубава атмосфера. За мене не постои поубава работа на светот од тоа да бидеш професионален спортист, професионална ракометарка. Сега е сосема друга приказна.“
И адреналинот е поинаков.
„Мислам дека ништо не може да се спореди со чувството кога си на терен. Тогаш се чувствуваш жив. Јас играв на позиција на која носев многу одлуки, како организатор на играта. И сега носам одлуки, само што сум надвор од теренот. Да се биде играч е најубаво и тоа можам да го повторам милион пати. Но, ова е нов предизвик. А мене низ целата кариера ме водеа предизвиците.“
Последните две-три години од кариерата веќе размислувала што ќе следува. Сепак, едно прашање и денес нема целосен одговор – требало ли да направи пауза?
Од живот со распоред до учење на трпение
Професионалниот спортист со години живее во прецизен систем. Тренинг, одмор, натпревар, патување, повторно тренинг. Кога тоа ќе исчезне, одеднаш се појавува празен простор.
„Јас практично веднаш влетав во новата работа. Навикната сум да живеам со структура. Како секој спортист, имате организиран ден од утро до вечер. Првите два-три месеци по кариерата ми беше убаво – малку одмор, повеќе слободно време, помал физички замор. Но, понекогаш и сега чувствувам дека сакам уште да одморам, да земам некој слободен ден. Понекогаш се обидувате премногу работи да направите одеднаш.“
А најголемата промена е – трпението.
„Тоа е огромна разлика во однос на периодот кога бев играч. Трпение да почекаме уште неколку години за резултат. Трпение да видиме напредок за една година. Трпение да видиме што сме направиле за три години. Кога сте играч, можете да почувствувате напредок од недела во недела. Од оваа страна мора да бидете подготвени да чекате. И тоа е нешто што јас во моментов го учам, најискрено.“

Србија гради систем – психолог, кондициски тренер и повеќе денови заедно
Лекиќ е свесна дека голем резултат не може да дојде преку ноќ. Затоа акцентот е на системот.
„Се обидуваме системот во Србија да го прилагодиме што повеќе кон репрезентацијата. Тоа значи да обезбедиме што повеќе денови во годината во кои девојките ќе бидат заедно. Имаме кондициски тренер кој води грижа за девојките 365 дена во годината и со кој можат индивидуално да соработуваат. Го вклучивме и психологот и се трудиме да создадеме вистински тим околу тие девојки, кој ќе им биде достапен во текот на целата година. Се обидуваме да ‘украдеме’ уште два-три дена за собирање на репрезентацијата, затоа што сметам дека само поголем број заеднички тренинзи може да донесе подобар резултат.“
Истото се прави и кај помладите категории.
„Почнавме со тренинг-центар за генерациите 2008-2010, а наскоро ќе се вклучи и 2012. Тие девојчиња ги собираме два-три пати месечно по ден или два. Кога на крајот ќе пресметате, тоа е сериозен број денови поминати заедно. Во иднина би било идеално да имаме и повеќе репрезентативки групирани во одредени клубови, затоа што така би можеле многу поконтролирано да го следиме нивниот развој.“
„Децата денес имаат многу повеќе дистракции“
Разговорот потоа природно оди кон најмладите. Што бара денес Андреа Лекиќ кога ќе види девојче од 17 или 18 години?
Не почнува од шутот. Не почнува ни од техниката.
„Денешните генерации имаат сосема поинаков начин на размислување и ние мора да им се приспособиме. Девојките од 17-18 години денес имаат многу повеќе дистракции отколку што имавме ние. Најважно е да направиме теренот да биде нивната зона на комфор, место каде што најубаво се чувствуваат. Имаме голем број девојчиња кои го напуштаат спортот од 16 години па нагоре и затоа првата работа е да ја зачуваме љубовта кон ракометот. Теренот треба да им биде сигурно место.“
А тука тренерот има огромна улога.
„Тренерот е човекот што го задржува играчот на теренот. Тоа е посебна врска. Затоа и тренерите мора да бидат едуцирани во таа насока.“

„Младите сакаат сè веднаш, но и ние им ставаме огромен притисок“
Лекиќ се согласува дека денешните генерации имаат помалку трпение. Но, не сака целата вина лесно да се префрли врз младите.
„Тие сигурно тежнеат кон поголеми договори и кон побрзи, инстант резултати. Но, сметам дека тие деца се и под огромен притисок. Имаат училиште, имаат родители кои многу често бараат резултат, имаат тренери, имаат клубови кои бараат резултати уште во младинските категории.
Ако бараме резултат од дете на 10, 12 или 14 години и постојано му создаваме притисок, нормално е многу побрзо да изгори.“
Нејзината порака до родителите и тренерите е едноставна.
„Децата се деца и треба да ги пуштиме да играат. Додека спортот е игра, ќе имаме и најдобри можни резултати и ќе создаваме врвни спортисти. Треба малку да ги растовариме. Тогаш и тие ќе бидат потрпеливи.“
Што би ѝ кажала Андреа Лекиќ на 18-годишната Андреа?
Има работи кои денес би ги направила поинаку. Не во однос на работата. Туку во однос на одлуките.
„Ракометот отсекогаш беше мојот живот и јас бев подготвена на огромна индивидуална работа. Но, денес на младите би им кажала многу добро да се распрашаат пред да донесат одлука во животот.
Да не му веруваат слепо на никого – без разлика дали е тоа менаџер или некој друг. Да се опкружат со вистинските луѓе. Јас би сакала како помлада да бев малку постудиозна во некои одлуки, да не носам сè толку брзо само врз основа на интуиција.“
А има уште една порака која постојано ја повторува – училиштето.
„На сите им велам дека училиштето мора да биде приоритет. Спортската кариера е исклучително непредвидлива. Ако се развивате на две полиња, ако сте добри во училиште, тоа може да ве направи и подобри во ракометот. Образованието значи дека еден ден ќе бидете поспособни да донесувате правилни одлуки.“
Новите генерации се почувствителни
Лекиќ забележува и уште една промена. Денешните млади играчи потешко прифаќаат остар пристап.
„Овие генерации се почувствителни. Не поднесуваат толку лесно критика која е поостра или повишен тон. Не зборувам за навредување или за непристоен однос кон играчот. Но, едноставно се почувствителни. Тоа значи дека и ние мора да бидеме повнимателни во комуникацијата.“
Нема ист рецепт за сите.
„Секој играч има некоја своја ‘жица’. Тренерот како психолог, а и јас како менаџер, мора да го запознаеме играчот и да го најдеме вистинскиот пристап кон него. Тоа е уметност.“
Лекиќ: Женскиот спорт мора да добие повеќе простор во медиумите
Кога би можела да промени нешто во женскиот ракомет, нејзиниот прв избор е јасен. Медиумската видливост.
„Би сакала да добиеме простор во медиумите каков што имаат мажите. Кога ќе добиете медиумски простор, тоа повлекува сериозни финансии, спонзори и поголема популарност. А подобрата финансиска конструкција значи и подобри услови за тренинг.“
За Лекиќ, сето тоа е поврзано.
„Не можете да промените само една работа, затоа што едното го повлекува другото. Ако ги гледаме трендовите во женскиот спорт во светот, таму работите отидоа многу подалеку отколку кај нас. Кај нас женскиот спорт сè уште е присутен во еден навистина мал процент од медиумскиот простор. А често се вели дека женскиот спорт не привлекува публика. Очигледно дека во светот привлекува. Прашањето е зошто кај нас на Балканот е поинаку. Медиумите ги носат спонзорите, спонзорите носат подобра иднина за децата, клубовите и целиот спорт.“

Скопје – градот во кој сакала да остане до крајот на кариерата
И тогаш разговорот се враќа таму каде што за Андреа Лекиќ се наоѓа еден огромен дел од нејзиниот живот. Скопје. Вардар. Пет сезони. Пет Ф4 турнири.
„Јас толку брзо се приспособив во Скопје што не знам дали можам да бидам целосно реална кога зборувам за тоа. Кога некој го сака спортот кој го играте, кога тој спорт го чувствува како дел од својата историја и кога луѓето живеат за ракометот – а Македонија е токму таква земја, уште од Кометал па натаму – тогаш да се биде ракометарка е привилегија. Во тој период да се биде играч на Вардар беше нешто најубаво. Тоа е клубот во кој најдолго останав во кариерата и мислам дека само тоа доволно кажува како ми беше. Уште во првата година, кога стигнавме до Ф4, Скопје стана место во кое посакав да останам до крајот на кариерата.“
Пет години меѓу четирите најдобри – и две рани што останаа
Гордост или жал? Лекиќ не може да избере.
„Ги чувствувам и двете. Пред сè, гордост што бев дел од таква приказна, таква екипа и период во кој Скопје живееше за ракометот. И за женскиот и за машкиот. Но, останува жал кога двапати сте толку блиску до титулата во Лигата на шампионите и таа ви бега практично во последните секунди.“
Особено тешко останало последното финале.
„Кога го примивме тој гол во последната секунда и натпреварот отиде во продолженија, тоа беше еден од најтешките моменти во мојата кариера. Првпат во животот почувствував дека повеќе не сакам да се занимавам со ракомет. Не беше само поразот. Знаевме дека клубот се затвора, знаевме дека таа приказна завршува и во мене се споија сите емоции поврзани со луѓето што ги сакав и што и денес ги сакам во Македонија. Беше чувство како да си заминуваш од сопствениот дом. Сакавме да исполниме еден сон – наш, на екипата, на клубот, на земјата. Пет години по ред бевме меѓу четирите најдобри екипи во Европа. Не знам колку клубови можат да се пофалат со таков континуитет.“
„Никогаш повеќе немав таква екипа“
Вардар не бил посебен само по квалитетот. Туку и по луѓето.
„Верувале или не, многу е тешко да најдете толку луѓе кои сакаат да поминуваат толку време заедно. Ние се дружевме пред и по тренинг. Седевме заедно на кафе, излегувавме, одевме на вечери и ручеци. Тоа е нешто што јас никогаш повеќе не го доживеав во друга екипа.
Никогаш немав толкав број луѓе кои толку многу време сакаа да поминуваат заедно.“
Годините минале. Но, кога денес ќе ги види поранешните колешки, емоцијата не исчезнува. Напротив.

„Кога зборувам за Вардар, очите ми се полнат со солзи“
Тоа е можеби и најсилната реченица од целиот разговор.
„Кога зборувам за Вардар, очите ми се полнат со солзи. Жал ми е што тие пет години завршија. Кога некаде толку многу уживате, тешко е тоа да се објасни. Од првата до последната година за мене беше нешто феноменално. И денес сме во контакт. Кога можеме, се гледаме. Повеќето веќе ги завршија кариерите и сега повторно се среќаваме покрај репрезентациите.“
А што ѝ недостига од Скопје што не е самиот ракомет?
„Атмосферата во градот и емоцијата на луѓето. Тешко е целосно да го одвојам тоа од ракометот затоа што каде и да се појавевме бевме прекрасно пречекани. Гостопримството што го имавме тука беше нешто навистина посебно.“
„Чувај ја љубовта“
Ако утре во Охрид ѝ пријде девојче и ѝ каже дека сака еден ден да има кариера како Андреа Лекиќ, советот нема да биде за техника, трансфери или трофеи. Ќе биде многу пократок.
„Љубов. Чувај ја љубовта кон тоа што го работиш. Само љубов.“
Но, веднаш потоа додава уште еден збор. Дисциплина.
„Јас сум човек кој цел живот ракометот го поистоветуваше со својот живот, но истовремено бев исклучително дисциплинирана. И низ падовите и низ успесите се држев до таа дисциплина. Мотивацијата варира. Еден ден ја имате, друг ден ја немате. Дисциплината е клучот.“
„Нема да ме паметат по головите, туку по тоа каков човек сум била“
На крајот, изборот беше едноставен. Што би сакала да остане зад Андреа Лекиќ? Големата ракометарка? Или нешто поголемо создадено по завршувањето на кариерата?
Не размислуваше ни секунда.
„Ова второто. Сè во животот е минливо. Но, не е минливо чувството што сте го оставиле кај луѓето и начинот на кој ве паметат. Мислам дека е важно колку се давате, за што се давате и на каков начин. Луѓето нема да ве паметат по илјадници голови или по илјадници титули. Ќе ве паметат по тоа каков човек сте биле.“
И можеби токму затоа, девет години, десет години или многу повеќе по Вардар, очите на Андреа Лекиќ и натаму можат да се наполнат со солзи кога ќе се спомене Скопје.
Не поради статистиката.
Туку поради луѓето.
Горан Антевски
Фото: Денис Дуковски
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾
















