
За рамноправноста во спортот и важноста на тимскиот дух на првиот Женски ракометен форум во Охрид зборуваше и Лидија Хорват.
Таа потенцираше дека женскиот ракомет заслужува еднаков третман, а до вистински резултат може да се стигне само кога ракометарките се обединети и функционираат како една целина.
„Многу е важно да се држиме заедно. Ако бидеме само поединки, нема да можеме да напредуваме, а сите знаеме дека ракометот е колективен спорт. За жал, кога ќе погледнеме кон машкиот спорт, ќе видиме дека предноста сè уште најчесто им се дава на мажите. Тоа се однесува на договорите, спонзорите и на многу други работи. Ние, жените, навистина се обидуваме да докажеме дека можеме да бидеме рамноправни. Впрочем, ние и сме рамноправни. Ако реално го погледнеме ракометот, тој се игра на ист начин. Теренот е ист, со димензии 20 на 40 метри, а на него има по седум ракометари или ракометарки. Во тој поглед не постои никаква разлика. Исто трчаме, исто се бориме и исто даваме сè од себе на теренот. На ист начин губиме и на ист начин победуваме. Сепак, најубаво е кога на крајот сте вистинска екипа. Ако не сте екипа и ако функционирате само како поединки, тогаш немате ништо. Нема резултати, нема заедничко славење и нема заеднички солзи. На крајот останувате сами. Никогаш немојте да се издвојувате, бидејќи ракометот е екипен спорт. Само како екипа можете да постигнете нешто и да остварите значаен резултат. А најубавото нешто се гледа кога е најтешко и кога ќе загубите. Во тие моменти нема ништо повредно од тоа покрај себе да имате екипа што ќе ве поддржи“, порача Хорват.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾

Ракометарите на Текстилец ја запишаа третата победа во Првата машка лига, откако славеа на домашен терен против составот на Партизан Гевгелија со 43-31.
Штипјани претходно победија кај Преспа во Ресен и кај „лавовите“ во Ѓорче Петров, а сега се израдуваа и на прв домашен триумф,
Гевгеличани водеа со 5-4 на стартот, но за седум минути домашните погодија пет пати за 9-5 и оттогаш до крајот не ја испуштија предноста.
На паузата беше 21-16, гевгеличани преку Пеев на кратко се вратија на минус два во вториот дел, 27-25, но немаа сили за нешто повеќе. Штипјани одново „дадоа гас“ и до крајот го наполнија до врв голот на гостинската екипа.
Најдобри стрелеци кај победникот беа Кирил Милнеков со осум гола, како и Филип Џинес и Лазар Стојанов со седум погодоци, додека кај гевгеличани се истакнаа Димитар Атанасов со осум и Илија Пејковски со седум гола.

Покрај натпреварите на „Трофеј Македонија“, денеска ќе се игра и машки ракомет во СРЦ „Билјанини Извори“ во Охрид.
Во рамките на 4 коло од Супер машката лига, екипата на Охрид го пречекува Прилеп од 19:45 часот. Охриѓани се фаворити за бодовоите, а прилепчани ќе се обидат да се прикажат во добро издание.
Претходно од 17:30 ќе соочат братските клубови – Еурофарм Пелистер и Еурофарм Пелистер 2, па битолската публика ќе има одлична шанса да ги види на дело своит миленици едни против други.
На меѓународна сцена ќе се играат натпревари на Светското клупско првенство во Египет, а на терен ќе бидат Барса, Веспрем и Фуксе Берлин.
ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ:
17:30 ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2 (МАКЕДОНИЈА)
19:45 ОХРИД – ПРИЛЕП (МАКЕДОНИЈА)
12:15 ПИЊЕИРОС – БАРСЕЛОНА (СВЕТСКО КЛУПСКО ПРВЕНСТВО)
17:30 АЛ АХЛИ – ВЕСПРЕМ (СВЕТСКО КЛУПСКО ПРВЕНСТВО)
19:45 БУРГАН – ФУКСЕ БЕРЛИН (СВЕТСКО КЛУПСКО ПРВЕНСТВО)

Амбициозниот Прилеп денеска со нов ракометар ќе гостува кај Охрид во првиот меч од четвртото коло во Супер машката лига.
Тимот предводен од Наум Танески доби уште едно засилување од Црна Гора, па сега ќе има трио со десното крило Денис Шабановиќ и средниот бек Владан Кастратовиќ.
Во Прилеп од пред некое време пристигна талентираниот Лав Зековиќ, ракометар од генерацијата 2009 годин, а денеска беа завршени сите формалности и тој ќе биде подготвен за настап.
Зековиќ настапува на позицијата среден бек, а досега го носеше дресот на Партизан од Тиват. Станува збор за млад црногорски репрезентативец кој во изминатиот период беше дел од националниот тим на Црна Гора на Европското кадетско првенство во Србија, како и на Медитеранскoто првенство во Словачка.
За прилепскиот клуб ова е уште едно вложување во млад и перспективен ракометар, со оглед на амбициите тимот конечно да направи чекор напред и да се пласира во разигрувањето за титулата.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾

Хрватска и Црна Гора одиграа нерешено 20-20 во првиот натпревар на „Трофеј Македонија“ во Охрид. Хрватките во еден момент имаа негатива од четири гола, успеаја да направат пресврт и да поведат во завршницата, но Ѓурѓина Јауковиќ во последните секунди погоди за реми.
Клара Биртиќ, бекот на Хрватска по натпреварот истакна дека постои жалење поради пропуштената можност за победа, но беше задоволна од борбеноста што ја покажаа нејзините соиграчки, особено во второто полувреме.
„Најпрво би им честитала на моите соиграчки за борбената игра во текот на целиот натпревар, а особено во второто полувреме. Секако, ѝ честитам и на противничката репрезентација за фер и коректната игра. Жалиме за пропуштената можност во последните секунди, но добро е што можеме да научиме од овој натпревар“, изјави Биртиќ.
Хрватска во првото полувреме се најде во негатива, но по паузата заигра многу подобро во одбраната и постепено успеа да се врати во натпреварот.
„Успеавме да се вратиме во игра, пред сè благодарение на цврстата одбрана во второто полувреме. Во иднина ќе мораме подобро да реагираме во последните секунди и во одредени ситуации. Сепак, во целина сме задоволни со моменталниот резултат и со прикажаното, бидејќи ова се пријателски натпревари“, дополни хрватската репрезентативка.
View this post on Instagram
Биртиќ откри и што им посочил селекторот Ивица Обрван на своите ракометарки за време на паузата. Хрватска во вториот дел ги намали грешките и преку подобрата одбрана дојде до можност да се бори за победата.
„Тренерот на полувремето ни укажа на грешките. Ни кажа дека мораме повеќе да се бориме во одбраната, да правиме подобри прекршоци, побрзо да ја движиме топката во нападот и да играме побрзо, но да не брзаме со ударите од надворешните позиции и да не правиме непотребни грешки. Во второто полувреме успеавме сето тоа, колку-толку, да го сведеме на минимум.“
Грешки имаше и во продолжението, но подобрата игра во одбраната ѝ овозможи на Хрватска да ја надополни негативата и да дојде до резултатски пресврт.
„И натаму грешевме, но мислам дека преку одбраната се вративме во игра. На тој начин успеавме да ги надополниме грешките што ги правевме“, заврши Биртиќ.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾