Францускиот ас удри по ИХФ: Заглавени се во камено доба!

Францускиот интернационалец и член на бундеслигашот Рајн Некар Левен, Кентан Мае, упати сериозни критики на сметка на Меѓународната ракометна федерација, обвинувајќи ја дека не прави доволно за глобална промоција на ракометот.

Според Мае, ИХФ нема јасна стратегија за популаризација на спортот надвор од Европа и за создавање светски препознатливи ѕвезди.

„Имаме Меѓународна федерација која е заглавена во камено доба и не прави ништо за ракометот да стане попознат надвор од Европа. Треба да постои церемонија за избор на најдобар светски ракометар, како што во фудбалот постои ‘Златната топка’. Треба да ги убедиме луѓето дека токму тој играч е најдобриот во светот во тој момент“, изјави Мае.

Французинот ја пофали иницијативата на Европската ракометна федерација, но смета дека тоа не е доволно.

„Наградите на ЕХФ се добра работа. Таму има паметни луѓе кои размислуваат како да го направат ракометот попопуларен, но тоа не е доволно на светско ниво“, порача Мае.

Неговите изјави повторно ја отвораат дебатата за тоа дали ИХФ треба да воведе поголеми маркетиншки проекти и глобални признанија кои би придонеле за поголема популарност на ракометот и неговите најголеми ѕвезди.