Амбициозниот Лос Анџелес испиша нова страница во својата историја, освојувајќи ја првата титула во првенството на Северна Америка и Карибите за машки клубови. Американскиот тим со четири победи во исто толку натпревари стигна до трофејот и обезбеди место на претстојното Светско клупско првенство на ИХФ.
Турнирот се одржа во Керетаро, Мексико, а во конкуренција беа два клуба од САД и два од Мексико. Лос Анџелес, предводен од легендарниот Данец Мортен Олсен, олимписки и двократен светски шампион, доминираше уште од групната фаза.
На патот до финалето, Лос Анџелес ги совлада Еспартанос (31-20), Њујорк Атлетик Клуб (29-28) и Хувентуд (36-25). Најдраматичен беше американскиот дуел со Њујорк, каде што тимот од Калифорнија испушти предност од осум гола, но сепак славеше со минимални 29-28. Данската ѕвезда Микаел Дамгард беше прв стрелец со шест погодоци.
Во големото финале повторно се сретнаа Лос Анџелес и Њујорк. По израмнетиот почеток, клучна улога имаа Александер Херман и искусниот Дамгард, кои му помогнаа на својот тим да замине на пауза со предност од 19-16.
Во второто полувреме Лос Анџелес направи серија од 8-2, со што го скрши отпорот на ривалот и стигна до победа од 34-29 и историскиот континентален трофеј. Дамгард финалето го заврши со осум гола, додека Херман и Јоша Ритербах постигнаа по пет.
Лос Анџелес стана четвртиот американски клуб кој ќе настапи на Светското клупско првенство, по Њујорк Сити, Калифорнија Иглс и Сан Франциско Хит.
























