Мемиќ останува во семејството на Еурофарм Пелистер

Еден од тренерите во семејството на Еурофарм Пелистер, Фарук Мемиќ, иако најави разделба со клубот, сепак ќе остане и во новата сезона.

Мемиќ, кој ги води кадетската и младинската екипа на битолчани, на социјалните мрежи објасни дека по разговорите со раководството, реши дека ќе остане дел од клубот.

Тој е назначен за координатор на сите младински школи во двата битолски клубови, а ќе му биде асистент на Бранко Ангеловски во Еурофарм Пелистер 2.

„Понекогаш најважните одлуки се носат со срце, но и со искрен разговор…Во изминатите неколку дена добив огромна поддршка. Посебно ме допреа пораките од децата со кои работев сите овие години. Нивната искрена желба да продолжиме заедно, нивната доверба и љубов кон нашата работа беа нешто што навистина ме натера повторно да размислам. Во исто време, добив искрена поддршка и од раководството на клубот. Разговаравме отворено, ги споделивме нашите ставови и заеднички дојдовме до заклучок дека најдоброто решение е да продолжиме по истиот пат. Затоа, со големо задоволство можам да кажам дека останувам дел од РК Еурофарм Пелистер. Им благодарам на сите што веруваа во мене – на моите играчи, нивните родители, колегите, раководството на клубот и на сите кои ми испратија порака или ми дадоа поддршка. Сега зборовите ги оставаме зад нас. Време е повторно да се посветиме на она што најдобро го знаеме – работа, создавање нови генерации и нови успеси. Продолжуваме заедно – со уште поголема желба, енергија и посветеност“, напиша Мемиќ на социјалните мрежи.

Заедно со Кире Митревски, Мемиќ го однесе младинскиот состав на завршниот турнир во Лигата на шампионите минатата година, а оваа клубот застана на последната пречка пред Ф4.

____________________________________________________________________________________________________
  Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________