Дали Баерн Минхен ќе влезе и во ракометот? – тоа би било добивка за целиот спорт!

Можноста Минхен да стане нов центар на ракометот во Германија добива нова димензија — а сето тоа преку потенцијалното вклучување на еден од најголемите спортски брендови, фудбалскиот клуб Баерн Минхен.

Во пресрет на Супер Купот на Германија кој ќе се одржи на 23 август во Минхен, спортскиот директор на шампионот Фуксе Берлин, Стефан Кречмар, изјави дека ракометот само би добил доколку Баерн реши да инвестира и во овој спорт.

„Ако некој во Баерн развие страст за ракометот, тоа би било огромна добивка за нашиот спорт“, рече тој на прес-конференција на Dyn.

Кречмар додаде дека Баерн е клуб со капацитет и организација што може да изгради силна ракометна секција, исто како што тоа го направи со кошарката.

„Не е дека никогаш не сме се обиделе да ја отвориме оваа тема. Тоа е клуб кој знае како да стартува и да води вакви проекти“, вели Кречмар.

Тренерот на европскиот шампион Магдебург, Бенет Вигерт, исто така ја поддржа идејата.

„Секако дека би сакал Баерн да се вклучи. Тоа би ја зголемило атрактивноста на целата лига“, рече тој, но и нагласи дека патот до реализација на ваков проект е комплексен.

Примерот со кошарката е повеќе од јасен – клубот пред 15 години, под водство на Ули Хенес, започна инвестиции во кошаркарската секција, која денес е една од најсилните во Германија. Доколку слична поддршка добие и ракометот, многумина веруваат дека Баерн би можел да создаде нов ракометен гигант.

Во меѓувреме, Супер Kупот кој ќе се одигра во август ќе биде силна промоција за ракометот во Минхен. Кај мажите ќе се сретнат Фуксе Берлин и Кил, додека кај дамите ќе играат Бломберг Липе и Турингер.