„Ако младите учат од Миркуловски, ќе имаме добра ракометна иднина“

Легендарниот среден бек Филип Миркуловски се врати во Македонија по десетина години и ќе биде дел од Ракометната федерација како координатор на сите машки репрезентации.

Миркуловски ќе соработува со селекторите на сите генерации – Кирил Лазаров, Наум Танески и Горан Кузманоски.

Претседателот на македонската куќа на ракометот, Александар Стефанов, го претстави новото засилување во машкиот репрезентативен ракомет.

„Чест и задоволство ми е да го претставам Филип Миркуловски како дел од нашиот тим, тој е поранешен репрезентативец со голем број настапи. Има учествувано на многу големи европски и светски првенства, со своето искуство, величина и знаење, сметам дека може многу да придонесе во работата со помладите. Очекуваме во позитивна насока заедно со нас да помогне за сите да го следат неговиот пример, дај Боже да излезат уште многу ракометари како него, кои ќе се угледаат на него, за да имаме добра ракометна иднина“, изјави Стефанов.

Миркуловски потенцираше дека веќе имал состаноци со селекторите и се надева на успешна соработка и во иднина.

Миркуловски: Сакам да придонесам за македонскиот ракомет – ќе се вложам максимално