Миркуловски: Сакам да придонесам за македонскиот ракомет – ќе се вложам максимално

Легендарниот среден бек Филип Миркуловски се врати во Македонија по десетина години и ќе биде дел од Ракометната федерација како координатор на сите машки репрезентации.

Миркуловски ќе соработува со селекторите на сите генерации – Кирил Лазаров, Наум Танески и Горан Кузманоски.

Претседателот Стефанов го претстави новото засилување во машкиот репрезентативен ракомет.

„Чест и задоволство ми е да го претставам Филип Миркуловски како дел од нашиот тим, тој е поранешен репрезентативец со голем број настапи. Има учествувано на многу големи европски и светски првенства, со своето искуство, величина и знаење, сметам дека може многу да придонесе во работата со помладите. Очекуваме во позитивна насока да помогне за сите да го следат неговиот пример, дај Боже да излезат уште многу ракометари како него за да имаме добра ракометна иднина“, изјави Стефанов.

Миркуловски се заблагодари за укажаната прилика.

„Благодарност до претседателот и генералниот секретар на РФМ што ми ја укажаа довербата тука сум да дадам се од себе она што го собрав како искуство долго време во Германија. Главна цел ќе бидат младинските селекции, кои се поставени на цврсти темели, тука сум да ги координирам сите селектори. Мора да направиме пионерска категорија, со кадетите веќе се доцни долго време, мора да им дадеме предност на тие млади деца за да можеме да ги стигнеме сите врвни селекции. Да го вратиме младинскиот ракомет таму каде што заслужува на највисоко ниво. Ќе ставам фокус на оваа работа, сакам да вложам многу труд и можам многу да придонесам, тоа го имам видено во Германија. Можев да почнам тренерска работа, но сакам да придонесам за македонскиот ракомет. Секогаш сум бил тука за Македонија и како ракометари, сега и во оваа улога“, изјави Миркуловски.

Тој потенцираше дека веќе имал комуникација со сите селектори и го откри планот за во иднина.

„Веќе имав два состаноци со Кирил Лазаров, во добра комуникација сум и со Горан Кузманоски, со сите сме во добра комуникација, ќе се координираме меѓусебе. Планот е да се направи еден систем, во напад и во одбрана, кога ќе напредуваат децата од кадетите во младинци и младинци во сениори, да бидат веќе подготвени за тоа што го очекуваат селекторите од нив. Ние ќе работиме сите заедно за А селекцијата и да има готови производи кога играчите ќе играат за сениорите“, заврши Миркуловски.

Филип Миркуловски се врати во Македонија – ќе биде координатор на сите машки селекции!