Стартува меморијалниот турнир „Марко Божиновски“ – ќе играат шест репрезентации

Од денеска до 15 јуни, Скопје повторно ќе биде домаќин на традиционалниот меморијален меѓународен ракометен турнир „Марко Божиновски“, посветен на младите ракометни надежи и турнир што се игра во чест на прерано починатиот млад македонски ракометар. Ова е четврто издание на турнирот, кој полека но сигурно се втемелува како значаен настан во европскиот ракометен календар за младински екипи до 17 години.

Годинава на турнирот ќе учествуваат шест национални селекции: Македонија со 2 репрезентации, потоа по една од Србија, Катар, БиХ и Романија. За денеска се предвидени два натпревари, во вечерниот термин, а утре ќе се играат четири меча, два утрински и два вечерни. Во недела се финалните мечеви.

Македонија ќе настапи со две репрезентации, со цел да се даде простор и поддршка на што повеќе млади играчи од оваа генерација. Македонија А ќе ја предводи селекторот Горан Кузманоски, додека Македонија Б ќе биде под водство на Мите Стоилов – двајцата ќе седат заедно на клупата, како дел од заедничкиот стручен тим.

Репрезентацијата на Србија ќе настапи под водство на поранешниот ракометен репрезентативец и реномиран тренер Растко Стојковиќ. Катар ќе биде почесен гостин во јуни и ова учество е дел од нивните подготовки за претстојното Азиско првенство, а младите катарски надежи ќе се обидат да покажат колку се подготвени за меѓународни предизвици.

Романија доаѓа со исклучително талентирана генерација, позната по брзината, борбеноста и посветеноста на секој натпревар. Тие се сериозен противник и ќе бидат вистински тест за сите селекции на турнирот. Босна и Херцеговина учествува на турнирот трет пат по ред, откако првично настапија преку младите од клубот Коњух, а сега се дел и со официјална репрезентативна селекција.

Распоред на натпревари:
Петок (14 јуни):
18:30 Македонија А – Катар
20:00 Србија – Романија

Сабота (15 јуни):
10:00 Катар – Босна и Херцеговина
11:30 Романија – Македонија Б
18:30 Македонија А – Босна и Херцеговина
20:30 Македонија Б – Србија

Недела (16 јуни):
09:30 Натпревар за 5. место
11:00 Натпревар за 3. место
18:00 Финале
20:00 Свечена церемонија на затворање

Натпреварите ќе се играат на отвореното игралише во спортскиот центар „Марко Божиновски“ во населбата Ново Лисиче во Скопје.