Бојаниќ: Покажавме карактер и победивме

Му требаа 20-тина минути на Охрид да „почне да игра“ и да го сврти резултатот во своја корист, на средбата со Тиквеш, но охриѓани планирано се „чекираа“ на Ф4 турнирот од Купот после триумфот 34-25 (15-14).

Тие се третиот тим што ќе игра за Куп трофејот, по Вардар и Еурофарм Пелистер. Кружниот напаѓач на Охрид, Владимир Бојаниќ, по обезбедениот пласман на Ф4 во Купот ги сподели своите импресии.

„Најнапред сакам да им честитам на моите соиграчи и на стручниот штаб за обезбедениот пласман на Ф4 во Купот. Одигравме два натпревари со Тиквеш за неколку дена, и во второто полувреме покажавме дека сме екипа и победивме. Покажавме карактер и победивме, така беше и во Кавадарци. Тој натпревар беше многу важен за пласман во Европа. Сега одиме чекор по чекор во преостанатиот дел од сезоната“, изјави Бојаниќ.

За Охрид сега претстои дуелот против Бутел Скопје во 6. коло од плеј-оф фазата.