Тимот на Струга не успеа да пружи голем отпор на „сино-белиот“ тим од Автокоманда и загуби убедливо со 38-14. Лидерот на табелата пак имаше успешно загревање пред европските настапи и двомечот со италијанскиот Бриксен, односно дуелот со шампионот Еурофарм Пелистер.
Момците на Наум Танески водеа со 2-0 и 3-1, и тоа практично беше се од нив на овој дуел, бидејќи до паузата постигнаа само уште два гола за 27 минути! За тоа време тимот на селекторот Кирил Лазаров одигра колку што треба да создаде убава предност и на пауза замина со предност 17-5.
Вториот дел беше само формалност, составите се измешаа, но резултатски ништо особено не се промени на теренот.
Лазаров им даде поштеда на Велковски и Митев, не можеше да смета на повредените Костески и Симоноски, но камбек на терените имаше Дамјан Митев, а свое деби во Автокоманда запиша Мартин Ивановски.
Единствена светла точка кај стружани беше голманот Остиќ, кој одбрани четири пенали и уште седум други удари на домаќините. Пикерот Пајкоски постигна пет погодоци.
Во победничката екипа се истакна голманот Галевски со 15 интервенции, а кај стрелците новакот Ивановски постигна шест гола, додека капитенот Ѓорѓиев беше стрелец на пет.
Во следното коло Струга ќе гостува кај Радовиш, додека тимот на Лазаров ќе го пречека Борец ФЛ.