Репрезентацијата на Македонија со поразот од Франција од 32:25 го заврши настапот на Светското првенство 2025 во Данска, Норвешка и Хрватска.
Македонија ќе заврши во ТОП 16, а конечниот пласман ќе се знае по комплетирањето на сите натпревари од последното коло од главната фаза.
Младиот голман Иван Галевски дебитираше во сениорскиот дрес на мечот со Франција а првата одбрана му беше од пенал на Мелвин Ричардсон.
Галевски, кој брани одлично и на клупско ниво за Алкалоид, ги сподели импресиите по дебитанскиот настап на едно големо натпреварување.
,,Чувството е навистина неверојатно, да се игра против една репрезентација како што е Франција е навистина задоволство, беше уживање, ги добив првите минути, сега е полесно, добив некое искуство повеќе. Сон за секој што се занимава со ракометот уште од најмала возраст му е сон да дебитира на големите натпреварувања против една репрезентација како што е Франција. Јас како што кажав пред првенството, нетрпеливо ја чекав секоја шанса, ја добив, очекував да бидам со Франција како последен натпревар и чувството е непроценливо. Игравме рамо до рамо со големи репрезентации кои се квалитетни, а нашата репрезентација е млада со неколку искусни играчи кои ни го пренесуваат искуството цело време, благодарен сум им нив, и можам да кажам дека изгинавме сите до еден за Македонија”, изјави Галевски.