Екипата на Раховец, која е предводена од Горан Андоновски, а во која настапува кружниот напаѓач Стефан Атанасовски, продолжува да биде доминантна во косовскиот шампионат, откако во заостанатиот натпревар од 7. коло славеше убедливо против Лапи.
Раховец оствари победа изразена со дури 32 гола разлика, 52:20. На полувреме избраниците на Андоновски имаа предност од 28:7 и во вторите 30 минути продолжија во ист стил.
По девет одиграни кола, тимот на Раховец се наоѓа на лидерското место со 18 бода, додека неговите најголеми ривали – Беса и Кастриоти имаат четири помалку, односно 14.
На победа во косовскиот шампионат се радуваше Вјоса, тим во кој настапуваат Стефан Кочаров, Синиша Павлов, Обрен Фичуровски, Илија Трпевски и Стефан Димевски.
Вјоса за ривал во 9. коло ја имаше Трепча и со одличната игра во двете полувремина дојде до важен триумф од 43:26.
Кочаров беше меѓу најдобрите стрелци, натпреварот го заврши со шест гола, Павлов и Фичуровски имаа по четири успешни реализации, додека Димевски двапати се запиша во листата на стрелци.
Тимот на Вјоса со новите два бода влезе во игра за 5. позиција на табелата, сега има шест бода, исто толку има и петтопласираната Вуштрија.
Овој викенд со натпреварот меѓу Охрид и Радовиш ќе биде отворено новото, 12. коло во суперлигашкото друштво. На денешната програма ќе има пет дуели, а дербито на колото ќе биде в недела во СЦ „Јане Сандански“.
Токму со дерби дуелот меѓу Вардар и досега непоразениот тим од Автокоманда ќе биде затворено 12. коло. Денеска интересно се очекува да биде на три натпревари – Бисинов – Струга, Пролет – Прилеп и Еурофарм Пелистер – Тиквеш.
Велешкиот тим, кој оваа сезона е дебитант во Супер лигата, на првото соочување со Струга се покажа како подобар ривал и во драматичен натпревар триумфираше со 31:30.
Пролет пред својата публика ќе биде домаќин на Прилеп. Двете екипи се борат да дојдат до едно од местата кои што водат во плеј-оф фазата, моментално, и двете се надвор од ТОП 6. Првиот натпревар меѓу двете екипи заврши без победник, 30:30.
Избраниците на Александар Јовиќ со евентуална победа би направиле сериозен чекор кон посакуваната цел, истото важи и за прилепчани, кои во претходното коло беа убедливо поразени од актуелниот шампион Еурофарм Пелистер.
Битолчани на свој терен ќе играат против незгодниот Тиквеш, тим кој во првиот натпревар со пелистерци даде силен отпор, но загуби со четири гола разлика, 31:27.
Бутел во Куманово кај истоимената екипа ќе бара рехабилитација и враќање на победничките патеки, односно ќе атакува на седми сезонски триумф и зголемување на бодовното салдо.
Свој настап денес ќе има женската сениорска репрезентација на Македонија, која на „Кроација Куп“ ќе го има последниот тест пред Европското првенство 2024.
Избраничките на Кристијан Грчевски по вчерашниот убедлив пораз од Хрватска, денеска силите ќе ги одмерат со репрезентацијата на Србија и ќе видат во каква форма се пред големиот предизвик.
ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ:
15:00 ОХРИД – РАДОВИШ (СУПЕР ЛИГА)
16:00 МАКЕДОНИЈА – СРБИЈА (ПРИЈАТЕЛСКИ)
17:00 ОВЧЕ ПОЛЕ – АЕРОДРОМ (ПРВА ЛИГА)
17:00 ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – ТИКВЕШ (СУПЕР ЛИГА)
18:00 ТЕКСТИЛЕЦ – ВАРДАР НЕГОТИНО (ПРВА ЛИГА)
18:00 КУМАНОВО – БУТЕЛ СКОПЈЕ (СУПЕР ЛИГА)
18:00 БИСИНОВ – СТРУГА (СУПЕР ЛИГА)
18:30 МЛАДОСТ – МАКЕДОНИЈА ЃП (ПРВА ЛИГА)
18:30 ПРОЛЕТ – ПРИЛЕП (СУПЕР ЛИГА)
19:30 ПАРТИЗАН – ШАМПИОН (ПРВА ЛИГА)
Агонијата во некогашниот европски шампион Борац Бања Лука нема крај! Поради лошата финансиска ситуација, заминаа тренерот Ирфан Смајлагиќ и уште тројца играчи.
Смајлагиќ поднесе оставка на тренерска позиција, кој вели дека од првиот ден е под притисок за добри резултати.
„Едноставно од првиот ден сум под резултатски притисок, а немаме најосновни услови за работа. Еднаш мораше да се подвлече црта и да се прекине неизвесноста. Нереално да се однесуваме како се да е нормално, а во суштина немаме услови за работа. Мислам дека мојот мандат беше успешен“, изјави Смајлагиќ.
Претходно заминаа претседалот на клубот, спортскиот директор, а покрај тренерот, Борац Бања Лука го напуштија уште тројца ракометари.
Станува збор за бековите Никола Ивановиќ, Никола Стевановиќ и Недим Хаџиќ, кој ќе се пресели во хрватскиот шампион Загреб.
Минатата недела во Борац едвај собраа пари да го одиграат мечот со Коњух, а нејасно е каква ќе биде ситуацијата викендов останува да видиме.