ПАРИЗ 2024: Египет ја доби драмата со Норвешка и оди во четвртфинале

Селекцијата на Египет ја совлада Норвешка во драматичен натпревар со 26-25 и обезбеди пласман во четвртфиналето на Олимписките игри.

Африканскиот првак сега има пет бода на третото место, а Франција и Унгарија во директен дуел ќе се борат за последниот патник во ТОП 8.

Натпреварот меѓу Норвешка и Египет беше полн со пресврти, а на паузата Египет имаше минимална предност.

Во вториот дел скандинавскиот тим дојде до плус два, 21-19, но Египет беше најдобар кога најмногу требаше.

Во последните пет минути се влезе со реми, 23-23, а браќата Елдера се погрижија за плус два за „фараоните“, 25-23, кои ги задржаа до крајот на мечот.

Најдобар стрелец во норвешкиот состав беше Рајнкинд со седум гола, а исто толку за победничката репрезентација даде Јахја.