Поширок список на Јанев – 35 ракометарки во конкуренција за настап на СП

Селекторот на женската младинска репрезентација на Македонија, Дарко Јанев, го објави поширокиот список на ракометарки пред настапот на Мундијалот.

На списокот има 35 ракометарки, меѓу кои и три интернационалки, како и две ракометарки кои имаа повреди, но сега се во процес на рехабилитација – Александра Коловска и Теодора Дукоска.

Од оние што играат во странство се ол-раунд бекот Емма Лазаревска од шведскиот Анкарет, десниот бек Ива Младеновска од францускиот Брест Бретањ, како и левиот бек Сара Стефаноска од српскиот тим Јагодина.

Многу веројатно последното коло од Женската лига што е закажано за 1/2 јуни ќе се помести неколку дена наназад и веднаш потоа ќе започнат подготовките на репрезентацијата.

Избраничките на Јанев ги очекува настап на пријателски турнир во Скопје од 14 до 16 јуни, каде ќе имаат два или три теста.

Светското првенство ќе се игра во Скопје од 19 до 30 јуни, а Македонија е во група со Исланд, САД и Ангола.