Од петок до недела ќе се одиграат натпреварите по групи во Купот на Македонија и ќе бидат познати патниците на завршниот турнир.
Ракометарите на Прилеп овој викенд ги очекуваат обврски во Купот на Македонија, каде што ќе се обидат да изборат учество на Ф4 турнирот. Иако ќе биде тешко, сепак, избраниците на Божидар Мојсов играат одлично во вториот дел од сезоната.
Ждрепката посака Прилеп да игра во првата група и за ривал во полуфиналето го доби Мулти Есенс. Прилепчани против новиот суперлигаш досега одиграа три првенствени натпревари, два во регуларниот дел од Супер лигата и еден во рамките од плеј-аут фазата.
Подобар биланс во меѓусебните дуели имаат токму ракометарите на Прилеп, па така тимот предводен од Мојсов ќе ја има фаворитската улога на хартија. Со евентуална победа над младиот состав од Автокоманда, Прилеп ќе игра во финалето со подобриот од дуелот меѓу Тиквеш и Еурофарм Пелистер 2.
Еден од поискусните во составот на Прилеп, Ангелче Органџиев, очекува триумф над Мулти Есенс, односно пласман во финалето во првата група.
,,Добро го анализиравме тимот на Мулти Есенс, со овој тим последен пат се сретнавме во плеј-аутот и можам да кажам дека нѐ очекува еден потежок натпревар, во кој ќе мора да се потрудиме повеќе за да го добиеме. Доколку ни се укаже шанса, би сакале да избориме пласман на Ф4, но ќе биде тешко, бидејќи со евентуална победа на првиот дуел, финалето ќе го играме во истиот ден и нема да има многу време за одмор меѓу двата дуели”, изјави Органџиев.
Левиот бек е задоволен од постигнатите резултати на неговиот тим во плеј-аут фазата и работењето со тренерот Божидар Мојсов го опиша како многу корисно.
,,Премногу сум задоволен од досега прикажаното на мојата екипа и очекувам така да продолжиме до крај. Речиси со сите соиграчи сум играл и се познаваме доста години, па не ми требаше многу време за да се прилагодам во новата средина. Доколку продолжиме да играме како што тренираме, сигурно ќе останеме на првото место и ќе избориме опстанок во елитата. Првпат сум имал тренер од ваков калибар. Како еден од повозрасните во екипата тренерот има доста доверба во мене и јас во неговите инструкции”, заврши Органџиев.
Натпреварот меѓу Прилеп и Мулти Есенс ќе се одигра на 23 март (сабота) со почеток од 14:00 часот во спортска сала „Јасмин“. Финалето од првата група е закажано за истиот ден, со почеток од 18:00 часот.