Еурофарм Пелистер во недела ќе игра во финалето на меѓународниот ракометен турнир „Крсте Андоновски“ во Охрид, откако во второто коло од група Б го совлада Татран Прешов со 29-24(14-12). Противник во борба за првото место ќе му биде грчкиот вицепрвак Олимпијакос.
Во натпревар кој директно одлучуваше за првата позиција во групата, Татран Прешов го отвори резултатот со прецизен удар од пенал линијата. Следуваше серија голови на македонскиот шампион со која во 5 минута целосно ја презема контролата над играта и имаше предност од 4-1. Разликата можеше да биде поголема, но неколку грешки во транзицијата не дозволија лесни голови за битолчани. Затоа наместо висока предност за Еурофарм Пелистер, Татран се врати на минимален гол негатива во 8. минута. Во слично темпо продолжи првиот дел, Еурофарм Пелистер неколку пати се враќаше на „плус четири“, а на спротивната страна Татран успеваше да дојде само до „минус два“. На крајот на првиот дел гостите од Словачка успеаа да ја задржат минималната негатива за конечни 14-12 по првите триесет минути.
Еурофарм Пелистер го отвори вториот дел од натпреварот со погодок. Точно пет минути беа потребни за првиот гол на Татран Прешов во вториот дел, но ниту македонскиот првак не успеа да реализира, па разликата остана непроменета.
По низата неискористени шанси, Татран Прешов во 38. минута го израмни резултатот на 15-15, а во 39. минута имаше прва шанса за преземање на водството, но обидот на Адама Сако заврши во пречката на голот.
Следуваше нова серија на Еурофарм Пелистер по која македонскиот шампион дојде до нова предност од три погодоци, која повторно не беше гаранција за мирна завршница. Ако почетните минути од средината на второто полувреме му припаднаа на Еурофарм Пелистер, Татран Прешов во 48. минута дојде до само еден гол негатива.
Стручниот штаб на Еурофарм Пелистер комбинираше различни постави на терен, но без разлика на бековската тројка, головите се постигнуваа кога Жарко Пешевски беше на линијата од шест метри.
По низа пропуштени шанси за Татран Прешов и две успешни интервенции на новиот голман на Еурофарм Пелистер, Калифа Гедбан разликата повторно дојде до три голови. Разлика со која двете екипи влегоа во последните пет минути од овој дуел.
Танкоски во 56. минута го врати највисокото водство на дуелот (27-23), а по новата одбрана на Гедбан Еурофарм Пелистер имаше напад за „плус пет“ кој заврши со техничка грешка. Ниту нападот на Татран не беше успешен па новата шанса Жарко Пешевски ја искористи да ги постави највисоките пет голови предност за Еурофарм Пелистер, 28-23 на почетокот на последната минута.
Веќе кога беше познат победникот на овој дуел Татран и Еурофарм постигнаа по еден гол за конечни 29-24.
Еурофарм Пелистер ќе има можност да го освои првиот трофеј сезонава, го игра вториот подготвителен турнир, откако настапи на силниот турнир во Добој, каде ја обезбеди шестата позиција. До почетокот на Лигата на шампионите екипата ќе настапи на пријателскиот турнир во организација на СЕХА, дуел од Суперкупот, а потоа ќе се подготвува во Битола.