„Во иднина треба доста да работиме, па нешто дури и да менуваме...“
1.Отвори очи, затвори врата
Уште еден врамен дрес и „штиклирано“ уште едно европско првенство. Сумирано тоа е епилогот на крајот од квалификациите за ЕП 2024. Машката ракометна репрезентација на Македонија со победа го заврши циклусот квалификации и го завери настапот на седмото по ред, вкупно осмо, европско првенство и сега како втора во групата од третиот „шешир“ чека добра ждрепка за новиот континентален настап во јануари.
Четири победи против послаборангираните репрезентации на Луксембург и на Турција, два порази од фаворитот Португалија, трет успешно поминат квалификациски циклус со Кире Лазаров како селектор и вака-така зачуван континуитет во настапите што во последниве години некако стана и главен приоритет за најуспешната македонска репрезентација. Според рејтингот, победите беа очекувани, па до некаде и поразите, но потфрлувањата, осцилациите и тешките битки со противници како Луксембург и Турција во последните два меча, отвораат очи дури и во блесокот на триумфалната прослава на пласманот и континуитетот.
„Увидов дека треба добро да размислам кого ќе повикам за македонскиот дрес во иднина…Со овој меч ми се отворија повеќе очите, работи што се повторуваат постојано, треба да се решаваат…“ – заклучи Лазаров по тешката борба со Пеливан и со Доне Рамазан со кој се тука некаде генерација, но и неколку ден пред по изненадувачката „десетка“ од Кајсен од Луксембург кој пак е врсник со нашата нова генерација (дете што би рекле ние овде) и покриеноста на голот од необичниот голмански лик Мика Херман како да е „двоен“ Ландин.
„Аферим“ за селекторот ако биде така!
Впрочем, јавноста со месеци токму тоа и го бара – селекторот со сиот кредибилитет што го има зад своето име, добро да отвори очи кому отвора и кому затвора врата во националната репрезентација, која по логика и по едно убаво стар писание, би требало да биде присвојна придавка во прво лице множина. За разлика од одговорноста која пак, оди во еднина. За да не ја измешаме граматиката во националните и персоналните работи.
2.Џомба во пензија
Гоце Георгиевски – Џомба, еден од „последните Мохиканци“ од старата генерација во македонската репрезентација, го одигра последниот меч во црвено-жолтиот дрес и се приклучува во друштвото на репрезентативните пензионери.
Да има некоја кампања „годините се само бројка“, Гоце, без дилема, би можел да биде заштитно лице. Отиде Џомба во пензија, а многумина се уште го сврстуваа во помладите во репрезентацијата. И секогаш кога летал по терен, имало и редовна „проверка“ на датумот за да биде човек сигурен дека Џомба навистина веќе ја ситни четвртата деценија.
Беше препознатлив по лесните нозе и „славниот прекар“, култен за десната крилна позиција поради легендарниот Мирза Џомба. Секогаш бил играч што повеќе дава отколку што бара. Максимално коректен, ретко нервозен и секогаш достапен и одмерен. После СП во јануари најави дека веќе наближува време за пензија. Изоставен беше за следната акција, а потоа и дефинитивно реши да стави крај на репрезентативната карира. И како и другите македонски репрезентативци од славната генерација, заслужено заврши на рацете на своите соиграчи, со последен погодок во триумфот за ново европско.
Вратата на македонскиот ракомет, без разлика во која форма, треба да остане широко отворена за сите поранешни македонски репрезентативци и по она симболично врамување на дресот, за сиот придонес што го дале низ годините во националниот дрес.
3.За Борко чудна суспензија
Оти, во Македонија, во сиот општествен хаос, некако премногу брзо и лесно се заборава тој минат труд во спортот. Во поделбите на „подобни“ и „неподобни“, покорни и непокорни, без проблем се затвораат и очи и врати.
Борко Ристовски, поранешниот македонски репрезентативец, долги години со статус на прв меѓу стативите и еден од најзаслужните за најголемите ракометни репрезентативни успеси, и се уште актуелен голман на Вардар, доби четиригодишна суспензија од Македонскиот олимписки комитет (МОК). Дисциплинската комисија на МОК го казни Борко Ристовски со четиригодишна суспензија, откако во март бил пријавен од претседателот на МОК, Даниел Димевски за гостување на телевизија како претставник на политичка партија каде што „ширел невистини, лаги, клевети и неточни информации“ на сметка на претседателот на МОК, „кои можат да бидат штетни и по МОК, Федерациите на МОК и спортистите“.
Обвинет за „нарушување на имиџот“, но и за „прекршување на статутот и правилниците на олимпиското движење“, Борко Ристовски доби суспензија или попрецизно „забрана за вршење работа во олимпискиот спорт во траење од четири години“.
Објаснета од претседателот на Дисциплинската комисија на МОК, кој подоцна во јавноста откри и дека бил „неутрален“ во донесувањето на одлуката, казната е помалку чудна, повеќе заплашувачка и најмногу загрижувачка за македонскиот спорт. Бидејќи на Борко Ристовски со неа всушност „ќе му биде забрането учество во олимписки спортови под организација на МОК и на ИОК, во што спаѓаат Медитеранските игри, Европските олимписки игри и Олимписките игри“.
Но, вербално суспендираниот, кој патем, лани ја заврши репрезентативната кариера, „би можел да настапи на ракометното ЕП или на СП на пример, кои се во организација на ИХФ и ЕХФ, затоа што тие настани не се во организација на МОК или ИОК“.
Ако селекторот случајно, реши да му отвори врата. Се бидува…
Ама отпаѓа за Медитерански и отпаѓа ако македонската ракометна репрезентација во наредните четири години игра на Олимпијада?!
На која?
На следната Олимпијада во 2024 во Париз, македонската репрезентација не игра и без суспензија, а на таа следната во 2028, казната ќе биде помината, па и не е нешто толку страшна. Ако Македонија се пласира, а Борко, тогаш со 46, реши да се активира, да смени спорт или да влезе во олимписката делегација во некоја друга функција!
Малку личи на невозможна мисија, ама ајде нека стои како „теорија на големата експлозија“.
Чудната казна за прославениот македонски репрезентативец за лична „навреда и клевета“ зад која стои МОК како највисока спортска институција, според тоа што го соопшти Борко Ристовски на прес-конфереција, ќе има спортска и правна разрешница. Првата на интернационално ниво, со најавена пријава во ИОК и во Меѓународниот спортски суд во Лозана, втората со најавена тужба и судска парница во надлежните институции во Македонија.
А, во меѓувреме, дали Борко пак ќе брани, директно ќе зависи од тоа дали РФМ ќе ја прифати и спроведе суспензијата изречена од МОК. Тие пак, еднаш веќе „изгорени“ во слична ситуација кога лани за „вербална навреда“ го „дициплинираа“ Марјан Начевски со доживотна суспензија, а потоа ја оправаа работата откако Арбитражниот суд на ЕХФ ја програси казната за „ништожна“, сега (ќе)дуваат и на „ладна матеница“, па разврската останува неизвесна.
Работи што се повторуваат постојано, треба да се решаваат. Нели?