Ден “Д” и трет натпревар за нашите ракометари, последна шанса да се победи на мечот со Аргентина и да се квалификуваме во втората фаза на ова Светско првенство во ракомет за мажи.
Убавото и сончево време уште од утрото, како да нè “натера” на повторна прошетка по градот и можноста да се прошета по трговските центри или пешачките улици за да се купи нешто по поволна цена. Да се купи по некој сувенир за спомен од посетата на Краков. Шетајќи по центарот на градот, сретнав повеќе наши навивачи и фанови, кои велеа дека со нетрпение го очекуваат почетокот на натпреварот и дека се оптимисти, па конечно и да се израдуваме сите заедно на првата победа на првенството.
Дел од навивачите и фановите ги спремаа своите торби/куфери бидејќи по завршување на натпреварот со Аргентина, планираа да заминат назад за Македонија.
Пред натпреварот, не изостана посетата во Македонската фан зона во центарот на градот, а по извесно време се упативме кон Таурон Арената да го проследиме натпреварот помеѓу Македонија и Аргентина.
Со самиот почеток на натпреварот, целата публика навиваше за Македонија и станавме интересни за останатата публика во Таурон Арената.
Ракометарите загубија и не ни се оствари желбата за понатамошен пласман на светското првенство. На многумина од нас навивачите и фановите, ни падна тешко поразот од Аргентина. Сепак мислам дека најтешко во моментов им е на нашите ракометари. Поради поразите на ова првенство не треба да се напаѓаат и фрлаат дрва и камења по нив, туку да им се даде максимална поддршка.
Голем дел од навивачите после мечот Македонија-Аргентина заминаа на пат за Македонија, а на полската телевизија гледам временска прогноза и врнежи на снег на повисоките места и пределите каде што поминуваат. Секоја чест за сето ова што го прават навивачите и фановите. Поминуваат илјадници километри и без никаква пречка патуваат да ја бодрат нашата репрезентација. Покажаа како се сака државата и македонската ракометна репрезентација.
Јас исто така завршив со купување или шопинг и иако се враќам за Македонија ден после натпреварот, сепак времето го искористив за шетање пред да заминам во сала.
На трибината каде што беа повеќето аргентински навивачи, беше и моето место на првиот ред од секторот, но немаше никаков проблем за нив, а и на нас. Се запознавме и разменивме некој реквизит, а исто така им подарив неколку брошури за Македонија.
По завршување на натпреварот Македонија-Аргентина, дознав дека имало некој инцидент на трибините, да бидам искрен не забележав дека се случило нешто, а потоа дознав што се случило. Сето она што беше убав декор деновиве, како и дружбата меѓу навивачите, навивањето, пеењето… се сруши како “кула од карти”. Сите репрезентации што ги играат натпреварите во Краков ни даваа поддршка и велеа дека имаме најбројна и најдобра публика, а сето тоа “падна во вода” и остави грда слика за нашите навивачи и фанови.
Останав и на вториот натпревар помеѓу Норвешка и Холандија, да одгледам добар дуел, а холандските навивачи кои беа во наш сектор сакаа да се се фотографираат со мене. Како добар домаќин ги поканив во Македонија на 5 септември кога нивната одбојкарска репрезентација ќе игра меч од Европското првенство.
Побрзав назад во хотел, да ги средам впечатоците и да се подготвам бидејќи следниот ден патувам за Македонија.
Иако ова Светско превенство сакаме резултатски да го заборавиме, сепак Краков ќе го паметам по посетата на заменик-градоначалникот, убавиот град, неговата чистота и одлично функционирање на градот, прошетките по убавото време, дружењето со навивачите и фановите, а исто така запознав и стекнав нови пријателства…