Би се борела за медал на СП – како изгледа „репрезентацијата на повредени“

Претходните големи натпреваувања беа во знакот на отсуствата поради корона вирусот. Тестирања се најавени и за ова првенство, но едно е јасно дека повредите и овојпат ќе остават белег во составите на некои репрезентации. Отуствата ќе се почувствуваат веќе на првиот натпревар на отворањето меѓу домаќинот Полска и повеќекратниот шампион Франција.

„Триколорите“ се без дури четири играчи, од кои двајца од олимпискиот тим од Токио, левиот бек Тимоти Н’гесан и левото крило Уго Деска (мајсторот за седмерци) и член на Ол стар тимот од Токио. И двајцата ќе отсуствуваат барем шест недели од терените. Покрај оваа двојка ќе ги нема ниту специјалистот за одбрана Карл Конан и левиот бек Килијан Вилемино.

Ко-домаќинот Полска секогаш имал големи амбиции, но сериозен удар за тимот ќе биде отсуството и неиграњето на Камил Сипжак, кој се повреди на последниот натпревар од Лигата на шампионите за неговиот клуб ПСЖ. Тој второ Светско првенство пропушта поради повреда, хендикепот ќе биде голем бидејќи е еден од најдобрите стрелци на тимот.

Шпанија „без крила“ од првиот состав ќе влезе во борба за медалите. Силата на „црвената фурија“ секогаш биле крилата, но двете крила на Барселона Алеикс Гомез и Аитор Арињо не можат да бидат со своите репрезентативни колеги. Гомез има проблем со ахиловата тетива, а Арињо има проблем со коленото.

Сериозни проблеми на бековската линија има селекторот на Хрватска Хрвоје Хорват, кој нема да може да смета на неколку играчи. Мундијалот ќе го пропуштат бековите Халил Јагањац, Марко Мамиќ, Домагој Павловиќ, а и Тин Лучин кој има повреда на рамото, како и десното крило Иван Чупиќ, последните двајца не добија „зелено светло“ од лекарскиот тим пред почетокот на подготовките.

Огромен хендикеп за Египет ќе биде неиграњето на Јахија Омар, кој ги скина лигаментите на дуел од Лигата на шампионите. Кај Бразил ќе недостасува Ханиел Лангаро, кој ќе отсуствува барем шест месеци. Без централниот бек ќе биде и Исланд. Хаукар Трастарсон ги скина лигаментите на натпревар од Лигата на шампионите, додека Унгарија поради повреда на коленото нема да смета на Доминик Мате.

Шведската ѕвезда Карл Валиниус, беше дел од шампионскиот тим од Европското првенство 2022 и не е 100% подготвен за Мундијалот, а интересно е дека негова замена ќе биде 29-годишниот дебитант Оле Форсел Шефверт.

Ова се најавите за отсуства од шампионатот во Полска и Шведска еден солиден тим од 16-тина играчи, но на оваа листа на повредени е интересно дека нема ниту еден голман.