Ракометарките на Куманово во последното коло од плеј-оф фазата во Женската лига на гостувањето во Прилеп кај Деспина забележаа убедлива победа од 11 гола разлика, 19:30, и со победнички крај ја завршија сезоната, во која не успеаја да ја одбранат шампионската титула.
Куманово уште во првото полувреме ја обезбеди победата. Избраничките на Александар Бојковски за неколку минути игра дојдоа до водство од 1:5 и во текот на целиот натпревар имаа контрола на резултатот. Домашниот состав капитулираше по десетина минути игра, иако, на моменти во натпреварот одигра квалитетно и докажа дека не е случајно во плеј-оф групата.
Во второто полувреме немаше поголема промена на теренот. Екипата на Куманово продолжи со доминантната игра, започна да ја зголемува својата предност и успеа да ги сведи грешките на минимум. Деспина се обидуваше да намали дел од резултатската негатива, но секој обид за намалување на водството на Куманово завршуваше без успех.
Победничката екипа беше предводена од Јована Кипријановска, која го одигра последниот натпревар во дресот на Куманово. Кипријановска во листата на стрелци се запиша седумпати, додека нејзината колешка, Алмеида Коста Андреза постигна шест погодоци. Во составот на Деспина се истакнаа Михаела Петреска со шест и Елена Рипилоска со пет гола.