Македонските репрезентативци го водеа прволигашкиот лидер до победа против Работнички

Лидерот во прволигашкиот плеј-оф, Алкалоид, во рамки од 8.коло славеше победа против составот на Работнички, со резултат 38:28, во натпревар без резултатско значење.

Екипата на Работнички во овој дуел, кој беше одигран во Автокоманда, имаше сили за надигрување само десетина минути, кога од стартот, па сѐ до 10 минута одржуваше минимално водство од еден-два гола разлика. По водството на Работнички од 3:5, ракометарите на Љубомир Савевски со серија од 5:0 поведоа со 8:5, и од тој момент започнаа да ја градат својата предност, која по 30 минути игра беше 12 гола разлика, 21:9.

Во вториот дел дојде до мало опуштање во редовите на Алкалоид поради убедливата предност, па така, гостинскиот состав во неколку наврати дојде до минус седум негатива, но во завршниот дел „домаќините“ зголемија за конечни десет гола разлика.

Предводници во победничката екипа беа двајцата репрезентативци на Македонија, Мартин Серафимов со десет и Игор Ѓорѓиев со седум гола. Третиот сениорски репрезентативец во Алкалоид, Марко Стојковиќ, двапати се запиша во листата на стрелци. Кај Работнички најефикасни беа Ѓорѓи Дука со девет и Давид Димевски со шест погодоци.