Уште една генерација собира европско искуство на домашен терен
1.Од надежите се очекуваше повеќе
Ако не „да газат“, тогаш да играат за едно од првите две места и да се борат за шанса за излез од Б европската зона. Тоа во најмала рака се очекуваше од настапот на македонската женска младинска репрезентација на ЕХФ шампионатот У19 на кое Македонија беше домаќин во изминатите десетина дена.
Со ново раководство на клупата и со предноста на домашниот терен, шесто место меѓу деветте селекции во „македонскиот“ дел од У19 ЕХФ шампионатот, или вкупно 12-13 ако се спои со „италијанскиот“ дел на кој настапија седум репрезентации, во европската „Б“ дивизија, резултатски е потфрлување, а не достигнување за македонските младинки. Искрено, имавме повеќе надеж во надежите на терен и во искуството на клупа.
Ако се земе предвид и фактот дека некаде во исто време во Словенија се одигра Европското првенство за младинки (У19), на кое Унгарија беше прва од вкупно 16 младински репрезентации во најсилната конкуренција, тогаш испаѓа дека Македонија на европската младинска мапа во женска конкуренција севкупно е некаде 28-29 репрезентација од вкупно 32 колку што беа на сцената. Зад нас според пласманот се само Израел, Финска, Косово и БиХ.
Сумирано, македонските младинки на овој ЕХФ шампионат во Скопје запишаа три победи против три селекции што се зад нас (БиХ, Косово и Финска), едно реми со Фарски Острови и два порази, од Холандија и од Исланд на пенали.
За споредба, Италија успеа да го валоризира домаќинството со триумф на ЕХФ Шампионатот што ја носи во квалификации за СП, на Македонија тоа не и успеа и покрај сите желби и надежи.
И македонските младинки како и младинците пред две години не го искористија максимално она што им беше дадено како шанса како домаќини да направат квалитативен чекор напред. И тоа стои како факт.
2.Од А до Ф
Селекторот координатор, Љубомир Савески, кој по повеќе од една деценија реши одново да се врати на клупата и да помогне во мисијата за подигнување на македонскиот женски ракомет ниво погоре, во првиот обид не успеа да го направи тој голем чекор напред.
Има потенцијал, има и квалитет во оваа нова генерација македонски ракометарки и Савески тоа го истакнуваше во секоја изјава. Но сепак, во играта сеекогаш по нешто недостасуваше за квалитетот да добие и резултатска потврда. Некогаш тоа беа грешките во одбраната, друг пат брзоплетоста во нападот, трет пат уморот и неефикасноста во решавачките моменти… Имаше добри моменти и ветувачки потези, но и премногу осцилации.
Не знам како и колку се подготвувале на Фарски на пример, ама ете кај нас стално некако кусо ни е времето.
А, стручните штабови ни се, богами, како кинеска армија, се подолги и побројни, од А до Ф полна графа. Добро е што и кај мажите и кај жените на клупите се вклучија многу заслужни македонски ракометни имиња. Добро е да се соберат сите паметни глави за доброто на македонскиот ракомет, се разбира. Верувам, дека и секој од нив искрено сака да придонесе на свој начин, а не само да влезе на список.
Но, лошо е што понекогаш и од премногу глава боли. Ај, што на крај во множината одговорноста за грешките е кај сите – и кај никого, туку и на клупа сите не ги собира! Кај да седнат сите од А до Ф?!
Па така, се смени селекторската постава, но не и старата лоша практика, тренерот на голманките да седи на трибини, да довикува и да дели совети со раце и со мимики. А, голманите и понатаму важат за пола екипа.
И селекторот беше голман, го знае тоа најдобро.
Можеби во следната акција со кадетките ќе бидат исправени дел од грешките. За понатаму, со сениорките веќе не смее ништо да промакне, ниту време да снема, ни тактика…ниту пак столче на клупата.
3.Вардар помина на зелено!
Зелени дресови, зелена трева, вардарци во најжешкото излегоа на патека и тргнаа со подготовките за новата сезона. Знам, ќе рече некој, ти пак се фати за дресовите…Ама верувајте, овој пат нема замерка за празово-зелените. Носат малку свежина, а и асоцираат на тоа дека Вардар 1961 „помина на зелено“, а опасно му светкаше „црвено“ за настапот во Лигата на шампионите со милионскиот услов од ЕХФ.
Претседателот, да е жив и здрав, го обезбеди(л) милионот (дали било пола-пола или топтан цел, веќе и не е толку битно) и уште еднаш по кој знае кој пат го спаси Вардар, го спаси брендот и континуитетот на „црвено-црните“ на европска сцена. Двојниот европски шампион по 24 пат по ред од 1998 година наваму или вкупно 26-ти од првиот настап во 1994/1995, ќе ја претставува Македонија во Европа.
Ќе беше премногу болно и црно за македонскиот ракомет, ако по Металург за следната сезона поради парите и Вардар го откажеше настапот во Европа.
За среќа, двојниот шампион навреме „го реши“ проблемот, а „Вујо мајсторе“ веќе најави интересна сезона.
Уште на прва „им фрли ракавица“ на Обрван и на Загреб во битката за Ф4 во СЕХА и го „скрати“ патот до Задар.
Онака, патем спомена дека и Вардар можеби треба да добие привилегирана позиција во регионалната лига како Веспрем и Мешков.
Најави џудо и кик-бокс за играчите, ги пофали, но, и ги предупреди, на свој начин.
И на почетокот од третата епизода во Вардар порача: „Може да ме мразат, може да ме сакаат, ама додека сум јас тренер мора сите срце на терен да остават!“
Во македонскиот ракомет сезонава може да биде се, ама здодевно сигурно не.
Ајде да видиме…