Хансен: Нас не казнуваат за различна боја на чорапи, а кој ќе го казни Египет за навивачите на трибини

Мундијалот во Египет влегува во завршницата, а денеска на програмата се четврфиналните битки.

Светскиот првак Данска ќе се соочи со домаќинот предводен од Парондо, а најдобриот дански ракометар, Микел Хансен, вели дека нема да биде изненаден ако против Египет има навивачи на трибините.

„Немам што да кажам околу ситуацијата со публика на трибините, јас реков и дека нема да играм доколку има навивачи, не поради себе или поради домашната селекција, туку затоа што со секој навивач на трибините се загрозува здравјето на ракометарите. Можеби треба да бидам изненаден, но не сум. Не се надевав дека ќе видам околу 1.000 фанови на трибините, нема да бидам изненаден ако против Египет наеднаш се појават околу 5.000 навивачи“, изјави Хансен.

Данецот се жали на односот на ИХФ.

„Ќе има луѓе на трибините, го знаеме тоа. И што ќе се случи, ќе им изречат некаква си казна, или можеби ниту тоа. Смешно е, ракометарите ги казнуваат затоа што носеле погрешна боја на чорапи од пропозициите, а од друга страна дозволуваат луѓе во салите во време на пандемија и се прават слепи, дека се е во најдобар ред“, вели Хансен.

На средбата против Словенија, во „Каиро Стадион“ имаше повеќе од 1.000 гледачи, кои не биле дел од „балонот“.