ИНТЕРВЈУ АЛЕКСАНДАР ПЕТРОВСКИ: Делам љубов за три клуба – Пелистер, Металург и Вардар

Во македонскиот спорт ретки се луѓето кои може да се пофалат дека во својата кариера имаат „три во едно“, биле играч, тренер и работеле спортски менаџмент. Александар Петровски или за многумина познат како Сајкл (прекар кој го носи комплетното негово семејство во Битола и кој значи шеговит човек) го има токму тоа.

Актуелниот директор на националната арена „Борис Трајковски“ растеше низ салите во Македонија, почнувајќи од родната Битола како десно крило на Пелистер, потоа Работнички, Металург, Вардар, Тиквеш… до националниот дрес. На само 31 година преминува во тренерски води, како десна рака на Лино Червар во легендарните години на Металург. Две сезони ќе го предводи и ЖРК Металург пред да се одлучи титулата магистер по спортски менаџмент и практично да ја примени како управител на најголемото спортско здание во државата.

Непосреден, насмеан, расположен за разговор не пречека на неговото работно место во Арената „Борис Трајковски“, каде централно место заземаат два дреса – на Металург и на Вардар. Двата се со негово презиме и се дело на сопругата, поп пејачката и хуманистка, Кристина Арнаудова, за која тој вели дека е најзаслужна што има некаков белег од неговата играчка кариера. Па одлучивме така и да почнеме, од минатото за да стигнеме до она што е Сајкл денеска.

„Пелистер е мој матичен клуб во кој ги минав сите младински категории пред да стигнам до прв тим. Ракометот беше најактуелен спорт, татко ми беше ракометен судија, а и мислам дека Битола е единствен град во светот во кој железната конструкција за тресење теписи децата ја користеа за еден да брани, а друг да шутира и да тренираат ракомет. Мојата генерација и таа по нас на Бранче Ангеловски и Иве Марковски мислам дека се последните кои комплетно како генерација излегоа од Битола која во тоа време ’штанцаше’ ракометари. Со играчи како Поповски, Николовски, Котевски, Алушовски, Стефановски, Абдула Јосифовски, Зарков, Шундовски ја имав таа чест предводени од Цане Крстевски со Пелистер да ја освоиме првата титула во самостојна Македонија, во таа легендарна 1993 година кога се запали салата во Прилеп на финалето со Тутунски Комбинат и кога едвај се спасивме“, се наврати на почетоците Петровски и продолжи: „Бев најмлад во таа генерација и следната година се запишав на Факултет за физичка култура во Скопје. Факултетот ми беше приоритет, но не сакав да се откажам од ракометот и како одлично решение дојде понудата од Работнички. Овој потег беше изненадување за сите, од шампионска екипа преминав во клуб кој не играше во Суперлига. Тоа беше амбициозен проект со солиден спонзор, кој сакаше да го врати сјајот на Работнички и со Гино Стрезовски како тренер. Јас, Чакаревски, Петар Мисовски  бевме дел од тимот. Морав да се адаптирам на новиот живот во Скопје, бев сам, учев факултет и потребно ми беше да фатам ритам. Година дена подоцна имав понуда и од Вардар и од Металург, но се одлучив за Металург затоа што беа поупорни, а и во тој момент повеќе се најдов во таа приказна. Две сезони минувам таму и во Металург добивам статус на А репрезентатвец. Дотогаш бев во младинската селекција и бев присутен на таа случка на квалификациите во Кипар, која Марјан Начевски ја раскажа во неговото интервју за 24ракомет, кога беа казнети да не судат на Олимпијада. Бев сведок на тој настан и навистина можам да ја потврдам неговата приказна, судиите навистина не искрадоа на тој натпревар. Имавме многу силна младинска репрезентација тогаш, јас, Брестовац, Марковски, Лазаров, кој беше многу помлад. Во Металург ми беше важно дека ја добив минутажата која ми требаше, а и да соберам искуство. Потоа се случи оној легендарен натпревар кога Вардар и Металург играа за опстанок во лигата, со легендарната тепачка секој со секого. Судеја Марјан и Драган Начевски и Металург во игра остана со еден играч и еден голман, а кај Вардар четворица играчи на теренот… Потоа Михајло Михајловски сакаше да направи силна екипа и во неа не собра нас млади – мене, Данило, Бранче, Кире Атанасовски, Марјан Колев… Таа година бевме поддржани од двајца Грузијци, Окочадзе и Каланадзе, со Олег Мајнцев. Неверојатна другарска екипа, бевме 15 часа дневно заедно. За жал во тоа време не знаевме колку вредиме и не бевме свесни за нашите квалитети. Ја освоивме таа година првата Куп титула на Македонија. Тогаш игравме во Расадник, тоа беше наш дом, па потоа се префрливме во СРЦ Кале. Следната сезона, двојна круна и таа година игравме и во полуфинале на КПК. За жал тогаш се случи сообраќајната несреќа на Игор Котевски, ние бевме ослабени, а Адемар Леон во полуфинале дојде со 11 шпански репрезентативци“, го памети секој детаљ Петровски.

И одеднаш продолжува со предлог до првиот човек на РК Вардар, Михајло Михајловски.

„Лани беше 20-годишнина од првата титула на Вардар. Знам дека беше корона година и свесен сум за условите, но еве му давам идеја на Михајло да нè собере, таа генерација, да нè организира и да се подружиме со старите пријатели за да го прославиме јубилејот – 20 години од првата шампионска титула на Вардар.“

Името на Александар Петровски е врзано со првите титули на Пелистер и Вардар, но не и на Металург.

„Бев играч на Вардар кога Металург ја освои првата двојна круна. Таа сезона гледано вардарски, во клубот се сменија четири тренери – Љуба Обрадовиќ, па Столе, Тута Живковиќ и на крај дојде Веселин Вујовиќ на месец дена, а потоа остана шест години како што вели тој. Во тоа финале ја загубивме титулата. Од Вардар имам уште еден трансфер, две сезони бев дел од Винарска визба Тиквеш. Прекрасни години! На Вкот на кој му требаа неколку атрактивни играчи, со Злате Димитровски отидовме на преговори и се што посакавме, се имавме. Направивме еден силен Тиквеш заедно со Мисовски, Чакаревски и неколку странци, таа година и Вардар во Скопје го победивме. Игравме и во Челинџ куп. Свето го зеде Тиквеш и две сезони имавме стабилен клуб. Потоа повторно се вратив во Вардар. Михајло ме побара, му требаше десно крило, а мене Вардар и тогаш, а и сега ми е во срцето, заедно со Металург, и со Пелистер ги сметам за мои клубови и се вратив во Вардар каде сакав да ја завршам кариерата. Тогаш ја запросив и сопругата. Се откажав од играчката кариера на 31 година затоа што сакав по добро да ме паметат и во врвот на кариерата. Но пред официјално да кажам крај имав и една интернационална сезона. Во првата година од осамостојувањето на Црна Гора, Зоран Кастратовиќ беше тренер во Беране. Како пријатели му беше потребен играч од мој калибар, неколкупати го одбив, но на крајот прифатив. Како што беше во Македонија ривалството меѓу Вардар и Металург, таму беше меѓу Берanе и Ловќен. Таа сезона Беране го освои Купот, а Ловќен шампионската титула. Потоа ставив крај на играчката кариера.“

СО ЛИНО НЕМАШЕ КОМПРОМИС, ПОТРЕБНО Е ДА ДАДЕШ СЀ ЗА ДА БИДЕШ НАЈДОБАР

„На моја среќа или несреќа , како играч сум ги минал сите странски и македонски тренери кои биле успешни во тоа време – Јошко Петковиќ, Веселин Вујовиќ, Тута Живковиќ, Славко Новаковиќ, Драган Ѓукиќ и македонски Цане Крстевски, Ванчо Јовановски, Славе Атанасовски, Гино Стрезовски, Љупчо Савевски и како играч и како човек ако си доволно паметен можеше многу да се научи од секој од нив. Јошко Петковиќ ќе ми биде и прв ментор, затоа што само по шест месеци како тренер во младите категории на Металург, тој ме зема да му бидам асистент во првиот тим. Ристо Чокрев и Тони Ристевски ми дадоа шанса и јас сакам да го ’испечам’ занаетот. Паметам не излегував од ’Автокоманда’ по 10-12 часа во сала, живеев на сендвичи и кифли и спиев на клупите. Им бев тренер на Борјан и Бојан Маџовски, Мартин и Дејан Манасков, на Столе Стоилов, Жарко Пешевски, Гоце Георгиевски кои беа младинци. Една генерација која сега го предводи А националниот тим. А, потоа доаѓа Лино Червар. ’Стариот лисец’ детално ме проучуваше и ме тестираше кога со него отидов да го гледаме Вардар на квалификации за ЛШ. Мислам дека за тие три-четири дена со Лино, завршив еден факултет. Го интересираше моето мислење за играта, постојано нешто ме прашување, а јас внимавав на секој збор што ќе го кажам. Ме праша и кој хороскопски знак сум (девица), како и многу други негови помошници, еден од нив е Славко Голужа. Тој многу внимаваше на тоа, за него секој детаљ беше важен. Мораше постојано да си сконцентриран, толку добро ги проучува своите соработници, многупати однапред знаеше што размислувам. Ги знаеше моите несвесни реакции што значат, детектираше ситници… По тие неколку дена минати заедно во еден неврзан разговор само ми нафрли прашање ’Можеш ли да ме следиш?’ Веднаш му одговорив ДА и од тогаш почна нашето патешествие и тандемски работевме пет години, да не претерам, но најмалку по 15 часа дневно.“

Колкава жртва е потребна за спортски успех Сајкл најдобро почувствувал во тие години кога Металург беше меѓу најдобрите екипи во Европа и светот.

„По три-четири месеци добие еден ден – недела, како слободен ден, а Лино ми вели мора да се направат анализи на некои натпревари. Тогаш ни се роди првиот син со Кристина и сакав да минам време со семејството и многу се изнервирав. Во понеделникот кога отидов на тренинг со осум-девет листа анализа за два натпревари, а Лино кога дојде со 50-тина листа за четири натпревари сфатив дека ако сакам да успејам во мојата кариера нема да има компромис и ќе бидат потребни големи жртви. Кристина имаше големо разбирање и трпение, колкупати ќе ме пратеше да купам пелени, а јас купував грешна бројка на пелени бидејќи детето пораснало, а јас сум бил толку отсутен од дома. Во тие години кога Металург беше меѓу топ екипите во Европа немаше време за ништо друго, тоа беше фокусот и приоритетот. Многу научив од Лино, не само ракометно, туку општо, тој има најголема улога во моето формирање како психолошки спортска стабилна личност.“

СИТЕ ОЧЕКУВАА ДА СЕ „ЗАКОЛЕМЕ“ СО ВУЈО, А НИЕ ИСПИВМЕ КАФЕ

Во деновите на најголемото ривалство меѓу Металург и Вардар далеку прочуен е „инцидентот“ околу трансферот на Додер…

„Преговорите со Додер беа правени од мојот службен телефон и попладнето кога го имавме соочувањето со Вујо, кое се случи токму во ’Борис Трајковски’ се едни од оние стресни моменти во кариерата. Имав физички контакт со Вујо. Тој со Лино вербално се соочи додека мене ме фати за лице и ме турна. Се случуваше потоа, тоа што се случуваше, а веќе следното утро јас седев во едно кафуле во кое редовно пиев кафе, и таму се појави Вујо, Со оглед на ситуацијата од претходната вечер сите очекуваа нешто да се случи во секој момент, дека ќе се ’заколеме’, а ние само пиевме кафе. Јас, Мојсо и Ванчо секогаш имавме посебен однос со Вујо затоа што тој ни беше тренер во Вардар и иако бев изреволтиран, сето тоа го сведовме на момент, реакција во афект. Тие се некои работи, финеси кои ги научив од Лино, како да бидам смирен, воздржан. Сега тоа многу добро успевам да го искористам и во оваа функција. Некогаш и по пет илјади луѓе ќе проциркулираат во денот, имаме многу стресни ситуации, а јас мирно се носам со сето тоа. Искуството минато со Металург ме направи постабилен и полесно ги решавам стресните ситуации.“

Има и толку многу анегдоти на кои се навраќа Александар.

„Пелистер и Битола ми се дома. Кога ја освоивме првата титула со Пелистер на раце не изнесоа од сала, не славеја. Потоа кога играв за Вардар ме мразеа од дното на душата и еден период ми беше забрането да се шетам на ’Широк сокак’, не беше препорачливо (се смее). Најсмешно беше кога играв во Вардар, кога ќе гостувавме во другите градови, а публиката скандираше скопски педери. Ние од 12 играчи во екипа имавме шест битолчани, Колев од Кавадарци, двајца Грузијци, еден Украинец и остануваа само двајца скопски играчи. Пресмешно беше!“

„Уште една анегдота од легедарните натпревари во ’Борис Трајковски’ кои ги играа тогаш Металург и Вардар. На една трибина беа Комити, на друга навивачи на Металург. На полувреме со Червар одиме кон соблекувална и еден од помладите членови на Комити така сочно не навредуваше со пцовки. Кога го погледнав видов дека дресот кој го носи е од стара гарнитура на која стоеше моето презиме. И кога му укажав на тоа, комплетно се збуни, а по мечот и спортски се поздравивме.“

ЕДНА ГОДИНА МУ НЕДОСТАСУВАШЕ НА МЕТАЛУРГ ЗА ДА СТИГНЕ ВО КЕЛН

Металург две сезони беше во Топ-8 во Европа, последната заедно со Вардар играа во четвртфиналето, но што е она што му недостасуваше за да стигне на Ф4 во Келн?

„Уште една година! Одговорно тврдам дека тоа е единствено нешто што ни недостасуваше. Вардар во кој сум минал осум години во кариерата, стигна на Ф4 затоа што имаше трпение. Во историјата на Македонија за мене најсилна беше онаа екипа на Металург која се распадна. Една постава извонредни македонски репрезентативци со Вугринец, Атман и Станиќ, и на клупа ги имавме Липовина, Марсениќ, Циндриќ, Борозан – кои знаеме кои се и што значат денеска, а ние од тогаш ги имавме сите заедно во екипа. Но кога беше најпотребно се случија финансиски проблеми и сето она што се случуваше понатаму е тема во која не сакам да навлегувам.“

КОГА РАБОТИШ СО ЖЕНИ НЕ ЗНАЕШ ЗА ТРИ МИНУТИ ШТО ЌЕ ТИ СЕ СЛУЧИ

Тренерската кариера на Александар Петровски не смее да мине без двете години како предводник на шампионскиот тим и на ЖРК Металург.

„Драго ми е што во тој период ми дадоа да работам со женскиот тим на Металург. Секогаш ги добивав ’жешките костени’, а тогаш од тимот заминаа Бајрамовска, Мечевска, Младеновска и се создаде една млада генерација со изразено голем потенцијал. Горд сум што ги водев тие две сезони. И тоа беше големо искуство. Неверојатно тешко е да работиш со жени, не знаеш во три минути што ќе ти се случи. Добредојдено беше затоа што морав малку да се осамостојам, да се тргнам од сенката на Лино и да видам до каде сум. Десетина актуелни македонски репрезентативки беа дел од тој мој тим и сите тие денеска градат и интернационална кариера. Уште сме во контакт и среќен сум што сум оставил белег во нивните кариери.“

ПРВ ЧОВЕК ОД СПОРТОТ КОЈ ГО ВОДИ СЦ „БОРИС ТРАЈКОВСКИ“

По сите овие играчки и тренерски патешествија доаѓа моментот во кој Сајкл станува свесен дека му е потребна промена, а таа доаѓа токму навреме.

„По сето она што го минавме во Металург, особено во последните години потребен ми беше одмор. Јас и Ванчо останавме последни и во таа беспарица да работиме во тие услови и стојам до тоа дека додека нешто сакаш да го работиш работи, ако не тргни се. Ракометот ми е прва и единствена љубов и од тоа не можам да се откажам, но на моменти толку стана тоа напорно и заморно, што имаше денови кога ми се враќаа нозете назад од „Автокоманда“. И тогаш сфатив дека ми е потребна промена, а таа дојде во вистински момент. Ми се укажа шанса, не како партиски човек, туку како личност од спортот и реално јас сум прв директор на ’Борис Трајковски’ кој е од сферата на спортот, сите други биле и се водат како политичари. Со ваквата функција и се тргнав од ракометот, но и натаму сум во ракометот.“

СПОРТСКА ЦЕЛИНА КАКО НИЕДНА НА БАЛКАНОТ

Кој е мотивот и визијата со кои водите едно вакво спортско здание?

„Преку Металург, но и во соработката со една продукциска куќа собрав големо искусто, детално ја знаев салата уште пред да почнам да работам во неа. Немаме толкава моќ како држава да вложиме нови 20 милиони евра за да направиме нова сала и ова што го имаме треба да се чува и одржува најдобро што може. Секоја чест на моите претходници, ни мислам дека и од спортски, но и од друг аспект имаше некои пропусти при работата и доколку продолжевме така Арената за некоја година ќе биде неупотреблива и од спортски и од технички аспект. Како предизвик си го поставив тоа да ја вратам во најдобро светло и го сторив тоа. Комплетно реновирани соблекувални, поставен централниот семафор, сменет страничниот семафор. Спортскиот центар не е само салата, го имаме базенот, тениски терени, лизгалиште, куглана, дуќаните кои функционираат во склопот, аква паркот, помалите сали. Белградска, Загребска Арена и Тиволи во Љубљана се поголеми како сали, но како комплекси со придружни објекти немаат со толку широк спектар и не се како целина. Се радувам што луѓето го препознаа тоа и ги користат нашите услуги и според некои наши статистики циркулираат од пет до осум илјади луѓе дневно. Станавме малку и како центар на градот за спортските активности и културни настани, особено музички. Ова е веќе четврта година како сум директор и си имам поставено цели по нешто ново да направам за да оставам печат по моето заминување.“

Како функционира едно вакво здание, колку е тешко или лесно да се менаџира?

„Многу тешко функционира. Ќе ја тргнам настрана корона годината, но општо секој базен во светот работи со загуба, тоа се многу големи трошоци. Ние сме под Влада на Македонија, но сме и ДООЕЛ, односно се финансираме од сопствени сретства и како управител морам да ги најдам тие сретства, за да ги покријам тековните трошоци, а истовремено и да оставам резерва за сите реновирања и цели кој сум си ги поставил за да се надгради центарот. Стабилни сме, успешно испливавме низ тешката година, особено за спортот, и мислам дека сме на добар пат. Не знам до кога ќе ме држи ентузијазмот, имам нов предизвик ЕП 2022, некои Федерации аплицираа за организација на големи натпреварувања и ние сме партнери  во сето тоа. Лизгалиштето е легализирано, сакам да го затвориме и да поставиме трибини. Цел ми беше да се смени осветлувањето комплетно во салата, да ставиме лед-модерни светла со кои ќе ни се намалат трошоците, но поради пандемијата моравме за годинава да го оставиме. Полека недостатоците ги отстрануваме.“

„Она за што сум среќен е што во мое владение ги вративме сите национални репрезентации во салата, како екипни, така и во индивидуалните спортови.Народот ’Борис Трајковски’ ја чувствува како национална арена, тука се случија најголемите победи на сите македонски репрезентации и со гордост можам да кажам дека овие три ипол години го потврдивме тој епитет и ја направивме салата тврдина на македонскиот спорт, а така треба и да продолжиме. И не се само националните репрезентации, кои ги вративме со позитивна енергија, многу вложен труд и разбирање, како и примамливи цени. Имаме и клупски активности (ракомет, кошарка, одбојка), колку што ни дозволуваат термините и капацитетите, а се трудиме и да балансираме со цените затоа што сум свесен дека нашите клубови нема да може да си дозволат да тренираат во салата доколку им дадеме полна цена. Ова е огромна сала и само загревањето чини многу. Едно е кога е национален тим, кој би ги користел услугите три-четири дена или, пак, 10-15 дена ако имаме некакво првенство, а друго е услуги за цела година. Затоа се трудиме да бидеме отворени и флексибилни за соработка со сите. Како играч и како тренер не сум имал конфликт со никого, со никој не сум скаран и нема некој со кој не зборувам, а тоа успеав да го постигнам и како директор, да останам истиот. Да не се вообразам, туку напротив да го помогнам спортот и со своите постапки да го зголемам својот круг на пријатели, во што верувам и дека успеав.“

Колку е важно да се има ваква спортска инфраструктура за успех на македонскиот спорт?

„Најмногу! Во Скопје ги имаме и ’Борис Трајковски’ и ’Јане Сандански’, па и ’Кале’ и ’Расадник’, но потребна е ваква спортска инфраструктура и во другите градови. Битола има сериозен проблем. Салата во Охрид и треба реновирање доколку сакаме да биде употреблива за сериозни меѓународни натпревари. Мора да се фокусираме на таа инфраструктура. Кога ќе има услови, ќе има масовност, а од тој квантитет ќе излезе и квалитет. Тешко е да се направи споредба, но ние не сме имале ниту пет посто од овие услови денеска. А не се сомневам дека доколку би ги имале би имале успех како некои европски екипи во тоа време. Тој Пелистер се носеше со Металопластика во 86/87 кога станаа европски шампиони. Во Југославија тогаш се играше најдобар ракомет и со ваквви услови сигурно дека ќе сме биле на самиот врв. Но веќе реков не бевме свесни колку вредиме.“

ВО РАКОМЕТОТ СЕ ГЛЕДАМ И НЕМУ ЌЕ МУ СЕ ВРАТАМ

Кога ќе заврши менаџерската епизода во животот на Александар Петровски, тој одново ќе се врати во ракометот. Всушност веќе е и дел од проектот Еурофарм Пелистер.

„Кога ќе дојде време да заминам од спортскиот центар ќе се заблагодарам на шансата и ќе му се вратам на ракометот. Односно јас сум веќе вратен, заедно со Ванчо Димовски сме во Еурофарм Пелистер во управата и како советници на Зоран Стерјев. Почнуваме една убава приказна, еден проект на долги патеки, кој убаво се развива и се надевам дека со нашето искуство и добра работа и овој клуб ќе го стигне нивото на Металург и Вардар, односно до самиот врв на Европа“, дециден е Сајкл и додава: „Имам и мастер коуч лиценца, која годинава треба да ја обновам. Следам се што се случува и без разлика дали во иднина ќе едуцирам млади играчи или ќе водам сениорски клуб, или национална селекција, сигурно му се враќам на ракометот.“

Како за крај Петровски имаше едно посебно благодарам до неколку луѓе за она што е денеска.

„Сакам јавно да му се заблагодарам на мојот прв тренер, Цане Крстевски, кој ме препозна како талент и со кој заедно растевме и тој како тренер и ние како играчи. Ристо Чокрев во Металург кој веруваше во мојот потенцијал и како играч кога беше претседател и како тренер потоа и ми даде шанса во Металург. Михајло Михајловски од Вардар, тие луѓе се најзаслужни за сè што сум јас и како тренер и како играч.“