📷 Направени од дресови и кутии од дискови – еве како изгледаат медалите за СП

Во пресрет на големото финале и натпреварите за медали на Светското првенство за жени 2025, Светска ракометна федерација официјално ги претстави медалите кои ќе им бидат доделени на најдобрите репрезентации на турнирот.

Медалите се изработени во форма на дланка, симбол кој ја претставува силата, заедништвото и поврзаноста во ракометот. Особено внимание привлекува фактот дека при нивната изработка е користен рециклиран материјал, добиен од футроли за компакт-дискови, со што ИХФ испраќа силна порака за одржливост и еколошка свест.

Дополнителна симболика носи и вградувањето на фрагменти од дресови на повеќе од 100 ракометни клубови од Холандија, што ја нагласува колективната улога на клупскиот ракомет во развојот и успехот на светскиот шампионат.

Со ваквиот дизајн, ИХФ уште еднаш покажа дека модерниот спорт не се мери само со резултати, туку и со вредностите кои ги промовира надвор од теренот.

Од 17:30 за злато ќе се борат Германија и Норвешка, додека од 14:30 за бронза ќе се соочат Холандија и Франција.