Словенечкиот интернационалец во редовите на ГРК Охрид, Гал Цирар остава значаен печат во македонското суперлигашко првенство сезонава. Десното крило не само што е најефикасен ракометар во редовите на охридскиот тим (162 гола досега), туку е и меѓу топ три стрелци во Суперлигата. По година дена минати покрај езерото, Словенецот се одлучи да остане верен на клубот до 2026 година, а главната причина за тоа е што Охрид е клуб со амбиција.
За Цицар, ГРК Охрид е прво интернационално искуство во кариерата, откако претходно има играно само за словенечки екипи – Горење Велење, Јерусалим Ормож, Радече, како и Тримо Требње со кој настапуваше и во Европската лига. Пред да дојде во Македонија немал никакви информации за квалитетот на лигата, но по сезона ипол играње во нашата Суперлига потенцира: „ако играат македонскиот и словенечкиот првак, мислам дека македонскиот ќе победи.“
Животот во Македонија за 28-годишниот ракометар е убав, иако многу малку успеал да види и да ужива во природните убавини кои таа ги нуди. Македонски, не зборува, но разбира, а она што му недостасува е кинеска храна и МекДоналдс, кои ги нема во Охрид.
Со Цицар разговаравме во викенд-интервјуто на 24ракомет.