🎥 Промовирана химната за СП 2025 – екс вардарка се појавува во спотот

Светската ракометна елита ќе се собере во Германија и Холандија од 26 ноември до 14 декември, кога ќе се одржи 27. Светско првенство за жени.

Натпреварите ќе се играат во пет градови – Ротердам, Хертогенбош, Дортмунд, Штутгарт и Трир.

Официјалната химна на првенството е со наслов „Раце горе“, а ја изведуваат германските пејачки Лусил и Брија. Песната носи силна порака за почит, еднаквост и препознавање на женските спортски достигнувања, а дел од спотот е некогашната ракометарка на Вардар, Ања Алтхаус.

„Оваа химна значи моќ. Да застанеме зад жените, да го славиме женскиот спорт и да им дадеме внимание какво што заслужуваат“, изјави пејачката Лусил.

Химната беше промовирана пред пријателскиот натпревар меѓу Германија и Холандија, домаќини на Мундијалот, во рамките на ЕХФ неделата.

„Мислам дека е многу посебно што ова првенство има химна. Ваквата песна носи атмосфера и во соблекувалната и во салата. Тоа е нешто уникатно што го немаме секој ден“, изјави германската ракометарка Ксенија Смитс.

Со динамичната химна, СП 2025 добива уникатен идентитет – песна која ќе ја поттикне енергијата на трибините, ќе ја зголеми поддршката за репрезентациите и ќе ја обои прославата на женскиот ракомет на највисоко ниво.