Селекторот на женската сениорска репрезентација на Хрватска, Ненад Шоштариќ го објави списокот на ракометарки за претстојниот бараж дуел со Словачка.
Победникот ќе обезбеди пласман на Светското првенство 2023, кое ќе се одржи во Данска, Норвешка и Шведска.
Меѓу повиканите ракометарки се наоѓа членката на Мец, Ќамила Мичијевиќ, која го заврши процесот на рехабилитација и доби дозвола од францускиот клуб да настапи за ,,коцкестите”.
Мичијевиќ паузираше околу девет месеци, откако минатата година направи операција на левото колено и поради повредата не настапи на Европското првенство 2022.
Во дресот на Хрватска на дуелите со Словачка нема да настапи кружниот напаѓач Ана Дебелиќ поради бременост.
Избраничките на Шоштариќ првиот дуел од баражот со Словачка ќе го одиграат на 7 април на гостински терен, додека реваншот е закажан за 12 април во Славонски Брод.