Натпреварот меѓу Астраион и Јуниор Кисела Вода заврши нерешено 19-19. Иако домашниот тим го имаше последниот напад и најчесто имаше водство во текот на мечот со по еден или два гола, гостите успеаја да стигнат до бод. Со овој резултат и двете екипи, продолжуваат во во плеј-аут. Во скопскиот тим имаше само десет играчи во ростерот, со оглед на неколкуте позитивни случаи на Ковид-19.
Гостите од Скопје водеа на стартот со 0-1 и 1-2, но потоа Караиванов со три гола во серија донесе предност за Астраион, 4-2. Струмичани беа тие што сега водеа најчесто со еден или два гола, а Јуниор „бркаше“. На пауза се замина со домашното водство, 12-11.
Во второто полувреме имаше иста слика на теренот. Струмичани поведауваа, Јуниор израмнуваше, но не успеваше да поведе третпат на овој дуел. По 18-16 за Астраион, погодија Милутиновиќ и Трајковски, па со реми, 18-18 се влезе во последните пет минути.
Струмичани преку Касапов дојдоа до предност 19-18, но Милутиновиќ од пенал израмни. Следуваа грешки на двете страни, а последниот напад беше за Астраион. Не успеаја домашните да организираат добар напад и последниот удар на Караиванов беше плен за гостинскиот голман Стојаноски. Најдобри стрелци во домашниот тим беа Караиванов со осум и Јанковски со пет, а кај Јуниор Кисела Вода, четири постигна Милутиновиќ.