Данецот Ларс Валтер е минато за Еурофарм Пелистер, а на клупата на битолскиот тим ќе седат Александар Јовиќ и Звонко Шундовски.
Тие денеска го имаа првиот тренинг со ракометарите на Еурофарм Пелистер кои немаат репрезентативни обврски.
Јовиќ на првата прозивка истакна дека македонскиот вицепрвак има одличен тим и дека само со позитивна мисла може да се дојде до посакуваните цели.
,,Прво сакам да се заблагодарам за довербата која нам ни е укажана во овој сензитивен момент за клубот. Сакам да упатам благодарност за Шундовски што ја прифати понудата од управата да биде дел од нас. Со неговото огромно искуство ќе ни помогне мене и на Зарков во работата и ќе ни помогне да ги оствариме зацртаните цели во оваа сезона. Мислам дека имаме одличен тим, сите се одлични играчи како поединци, имаме време и со позитивна мисла, вредна работа и правилно насочување од наша страна да исполниме што зацртавме. Имаме уште најмногу три месеци до крајот на сезоната и би ги замолил сите да се фокусираме максимално на индивудуален и колективен план”, изјави Јовиќ.
Во регионалната конкуренција, битолчани на домашен терен на 14 март го пречекуваат тимот на Нексе Нашице.
Мечот се игра во „Боро Чурлевски“ со почеток во 18:00 часот, додека следниот викенд на програмата се натпреварите од Купот на Македонија.