Денес во спортската сала „Боро Чурлевски“ се одигра големото дерби меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар, а исходот беше позитивен за домаќините, кои триумфираа со 26:23.
Битолчани уште два натпревари ги дели до долго посакуваната титула, последен пат „зелените“ се радуваа на титулата во 2005 година.
Тренерот на Еурофарм Пелистер, Александар Јовиќ, кратко ја коментираше играта на неговите избраници, кои во одредени делови во натпреварот целосно попуштаја и дозволуваа Вардар да се врати во игра.
,,Јас пред сѐ би сакал да се заблагодарам на екипата на Вардар за одличната претстава од нивна страна и мислам дека денеска битолската публика можеше да ужива во врвен ракомет, а воедно и цела македонска ракометна јавност, која сигурно го следеше дуелот покрај малите екрани. Мислам дека натпреварот беше на многу високо ниво, имавме поголема желба од Вардар и заслужено триумфиравме. И двете екипи имавме подеми и падови, Вардар кога имаше пад стигнавме до пет разлика, имавме напад за плус шест и клучот за нашиот пад беше лоша игра со играч повеќе и брзо ги направивме тие технички грешки, неколку промашени зицери, но во секој случај беше дерби за сите пари”, изјави Јовиќ.
Стратегот на ,,фармацевтите” вели дека сѐ уште не е готово, бидејќи Еурофарм Пелистер има две незгодни гостувања.
,,Јас кажав дека и кога изгубивме на првиот дуел против Вардар, нашето првенство е доста квалитетно, тоа се покажа кога Алкалоид го победи Вардар и нас ни овозможи шанса да се бориме за титулата. Со оваа победа направивме голем чекор, но уште не е готово. Имаме завршница на Куп на Македонија, потоа имаме незгодно гостување во Охрид, па во Кавадарци”, заврши Јовиќ.
Еурофарм Пелистер во последните две кола ќе игра против Охрид и Тиквеш и многу е веројатно дека нема да си дозовли кикс, па така Битола ќе се радува на титула по речиси 18 години пауза.
Битола почнува да слави – Еурофарм Пелистер на два чекори до титулата