Еден од пивотите кои оставија голема трага во играта на Пелистер и на репрезентацијата на Македонија, Александар Зарков и понатаму е присутен во македонскиот ракомет.
Тој е дел од тренерскиот тим на Еурофарм Пелистер 2 и е задолжен и за младинскиот погон во тимот. Важеше за еден од најголемите борци во свое време и за играч кој секогаш оди на максимум.
Некои од моментите во својата кариера ги откри во интервјуто за 24 Ракомет, а еден таков момент беа и понудите кои пристигале на негова адреса.
За Зарков своевремено бил заинтересиран и тимот на Пик Сегед од Унгарија, но тој одлучил да не ја прифати понудата и да остане во Пелистер така што можеби ја испушти и својата голема шанса на кариерата која ќе изменеше многу работи.
„Играв пивот, а кога играте на оваа позиција со 186 сантиметри ќе ти излезат една или две понуди во кариерата за вистински клуб. Мене ми излезе една понуда за во Пик Сегед, но јас не отидов. После ми излезе уште една и не отидов ниту таму и затоа останав толку долго во Пелистер. Заминав во Грција бидејќи сакав да го направам тоа поради атмосферата во клубот, која веќе не беше на потребното ниво и одлучив. Што и да се случи, заминувам. Доколку претходно заминев во Пик Сегед веројатно ќе останев таму како и сите играчи кои играа тогаш во Пик Сегед. Меѓутоа, јас ги пропуштив моите шанси за да заминам во вистински клуб. Затоа останав во Пелистер долго, но тогаш беше и добро да се игра во Пелистер бидејќи игравме во Европа, а го имавме и главниот збор во македонската лига и во репрезентацијата. Кога почнаа работите да одат надолу јас престанав да играм. Поминав убави времиња во Пелистер кога овој клуб беше на врвно ниво. Можеби имаше една или две години во кои не беше како треба, но во сите други бевме вистински клуб“, рече Зарков во интервјуто за 24 Ракомет.
Комплетното интервју со Зарков можете да го прочитате во продолжение.
ИНТЕРВЈУ АЛЕКСАНДАР ЗАРКОВ: Дојде тивко, ја засака Битола и стана легенда