ЈАВИ СЕ ЈУЖНА: Ние веруваме во победа

Тие се познато семејство, новинарско, музичко и секако спортско. Ракометот им е во срцето, и ретко пропуштаат важни натпревари. Од ЕП 2012, СП 2015, ЕП 2020.... Огнен е познат текстописец, Соња е позната македонска новинарка, а нивниот син Филип тргнува по стапките на татко му. Тие лани ја напишаа и навивачката химна пред заминувањето на ЕП 2022. Но, кога тие гледаат ракомет тогаш секој има свој коментар, секој го доживува натпреварот со посебна емоција... Овојпат нема да бидат во Краков, но од Скопје силно ќе навиваат за нашите ракометари.. А како тие ги следат натпреварите и што коментираат ќе читате низ нивната рубриkа што ќе се објавува на 24ракомет...

Почнува натпреварот Холандија – Аргентина. Гледаме и молчиме.
„Ќе ја победиме Аргентина!“- вели вечниот позитивец, син ми Филип, после неколку минути.

„Така е, сине.“ – му велам.

„Брзи овие Холанѓаниве…“ – заклучува Писателот.

„Врска немаа во квалификациите, добија вајлд карта. Сега се добри, ама можеме да им парираме.“ – се надоврзува Филип.

Го потпрашуваме со Огнен за играчите на Холандија. Едно исто повеќепати.

„Може нешто да запамтите?“ – ни дофрлува.

Знам дека сме досадни, секогаш го потпрашуваме нешто кога гледаме било каков спорт.

„Сине, старееме, меморијата не’ издава – вели патер фамилијас.

А, јас молчам и длабоко во себе се радувам што, иако сум постара од него, годините не се видливи ни физички, ни ментално (ха, ха, ха).

Масата е свечено подготвена. Чекаме Василица. Со свинско, кое според традицијата мора да е на маса и со „треви“. Огнен си поткаснува, со лезет. Се гледа, по неговиот хабитус.

„Касни си сине!“ – му сугерира на Филип, кој толку е возбуден (како и секогаш) што уста не му се отвора.

Ѕвони мојот телефон. Маживе веднаш спомнуваат три имиња на мои блиски, кои немаат абер од спорт и се јавувааат редовно кога има некој важен натпревар.

Реагираат бурно. Се нервирам и јас. Стигнува наредбата. „Или исклучи го телефонот или стави го на сајланс!„ Речено –сторено.

Во текот на натпреварот се развива повторно дискусија околу ждрепката. Има повеќе од десет репрезентации што се послаби од нас, а ние сме во најтешката група. Не е фер. Крајот го заокруживме со типично македонска клетва: „Да му се исуши раката на тој што учествуваше во извлекувањето!“

Како што се приближуваа минутите до натпреварот, така растеше возбудата, неизвесноста. Со Филип го „изоравме“ станот. Одевме од една до друга соба. Размислувавме дали да облечеме дресови? Ја извадивме „сламената македонска корпа“ преполна со дресови и реквизити. Почнавме да вадиме се’ што имаше во неа. Да ни помине времето. Решивме да ги облечеме за следниот меч, кога ќе ни дојдат гости.

Неделковски уште си „грицкаше“ од свинското. Неверојатно, но мислам дека ретки се луѓето што толку уживаат во софра, ама богата со месо.

Нашите ракометари истрчуваат на терен. Почнува химната. Стануваме сите тројца, ја ставаме раката на срце и пееме. Да, можеби некому ќе му биде чудно. Но, навиката од терените, ја пренесовме и дома.

За нас љубовта кон спортот, татковината е од родољубив карактер. Не, од национален или националистички. Син ми ќе облече дрес од Борко (лично два дреса му подари) без разлика дали ќе прими критика од оние кои имаат поинаква политичка определба од голманот. Со овации го поздравивме Наумче Мојсовски на ревијалниот новогодишен натпревар и се лутевме што политичките неистомисленици му свиркаа. Во политиката нема победници. А, во спортот има.

Почнува натпреварот. Писателот мудро заклучува: „Кире има некоја скриена тактика, верувам во него, ќе биде добро.“

На табелата стои 9:9. Еуфорија. „Напред наши! Тооо Талевски! Браво Деки. Уф, каков проектил на Кузмановски…“

Јагуриновски ги освојува и симпатиите на Огнен. „Одличен е!“ – коментира.

Навиваме и врескаме. Секој со свој излив на коментари со пофалби. Се создава позитивна какафонија. (Извинете, соседи, ама веќе се навикнавте.)

Шок. Јагуриновски се повредува. Огнен станува и оди во правец на елката. Ќе страдаат лампионите или дедомразовците. Правам фотографија. Без местенка. Замолчевме. Мислите ни се со младиот играч, кој ни стана миленик

Негативната енергија ја насочуваме кон Сагосен, поради неговите проектили кон нашиот гол.

Почнува второто полувреме.

„Кире, стави го Петров!“ – довикува Огнен.

И Петров стапува на сцена. Со 4 гола. Душата ни ја наполни.

Изгубивме. Но, кратко тагувавме. Ние веруваме во Кире и стручниот штаб. Ние веруваме во ракометарите. Ние веруваме дека ќе бидеме нова ракометна Норвешка. Доста веќе со песимизам. Во оваа држава мора некој во нешто да верува. Нашиот избор се спортот и музиката.

Соња Алексоска Неделковска