Во натпревар без резултатско значење, екипата на Еурофарм Пелистер 2 пред својата публика триумфираше против Пролет со 28:25 во рамки од последното коло од плеј-оф фазата во Супер лигата.
Домашниот тим уште од почетокот наметна свое темпо, до 20-та минута водеше со два до три гола разлика, додека во последните десет минути од првото полувреме влезе во полна брзина и успеа да дојде до поубедлива предност.
Еурофарм Пелистер 2 на денешниот дуел за нијанса беше подобар од гостинот од Скопје, кој во првиот дел немаше истакнат поединец и најчесто погодоците беа реализирани на индивидуално ниво. По 30 минути игра, резултатот беше 14:9 во корист за младите битолчани.
Пролет заигра поангажирано во второто полувреме и во 35 минута дојде на минус три, 16:13. Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 до 50-та минута имаа активен резултат, но без голема комоција во играта и од готово направија вересија, бидејќи гостите дојдоа до израмнување на резултатот. По водството на домашниот тим од 22:19, ракометарите на Лембанов со серија од 3:0 направија камбек израмнувајќи на 22:22.
Во последните десет минути стана поинтересно и само нијанси одлучуваа каков ќе биде исходот од денешниот дуел. Сепак, домашните ракометари успеаја да се одлепат на 25:23, отккао претходно беше 23:23, и до самиот крај одржуваа предност од еден до два гола разлика.
Најефикасен на средбата беше членот на Еурофарм Пелистер 2, Емилијан Ѓорговски, со 13 постигнати погодоци. Во редовите на Пролет најефикасни со по осум погодоци беа Виктор Додевски и Давор Палевски.