Штериова: Има уште многу работа

Македонија загуби од Норвешка во рамките на ЕХФ ЕУРО Купот. Пред малубројните навивачи на трибини во спортскиот центар Борис Трајковски, актуелниот светски и европски првак со комбиниран состав покажа дека со добра работа и визија, ракометот не зависи од индивидуалци.

Дуелот со Норвешка беше камбек за веќе искусниот лев бек на македонската репрезентација, Марија Штериова. Македонската интернационалка по дуелот со Норвешка потенцираше дека некои работи во националниот состав се сменети, но пред Македонија е уште многу работа за да се приклучи на европскиот врв.

Убаво е чувството повторно да се игра за Македонија. Некои работи се малку променети, но ние немаме многу време за чекање, годините минуваат, а резултати немаме. Многумина ќе кажат дека имаме напредок. Можеби. Зависи од кој агол гледаме, јас гледам дека ни претстои уште многу, многу работа.-вели Штериова.

Актуелниот европски првак Норвешка во Скопје пристигна со комбиниран состав, во кој својата шанса ја искористија репрезентативките кои немаа можност да блеснат пред големите ракометни имиња. Затоа резултатот на семафорот покажа дека играта на Норвежанките не зависи од „ѕвездите“ во тимот.

Норвежанките важат за големи професионалци, тие се една од најдобро физички подготвените репрезентации и тоа можеше да се види на овој натпревар. Ние сега почнуваме, имаме одличен кондиционен тренер, но сме далеку од физичката подготвеност која е потребна за големите натпреварувања. Сите знаеме која е Норвешка и не треба да се коментира каква репрезентација се…

После една деценија Македонија повторно ќе игра на едно големо натпреварување. Македонската интернационалка која веќе неколку години успешно настапува во Романија по кратка пауза повторно го облече националниот дрес, но потенцира дека времето на нејзината генерација ракометарки полека изминува, затоа треба да се посвети повеќе внимание на оние помладите.

Репрезентацијата не може преку ноќ да има резултати. Сега имаме помлади девојки во селекцијата и со нив треба да се работи. Јас сметам дека времето на нашата генерација ’89 – ’91 полека изминува. Ако сакаме да имаме резултати треба да се вложи во овие помлади девојки кои сега се во репрезентацијата.

Каква Македонија ќе гледаме во ноември кога сме домаќини на група од Европското првенство 2022, ќе зависи од пристапот на сите ракометарки.

Не сакам да ветувам ништо, само ќе кажам дека од нас зависи сè. Од нашиот професионализам, од нашиот пристап кон тренинзите и натпреварите. Сепак тоа е едно Европско првенство, ние немаме искуство, Македонија нема играно на Европско првенство 10 години. Можеби тоа ќе се покаже на терен, но желбата за докажување сигурно ќе биде таму.- заврши Марија Штериова.

Марија Штериова гради успешна интернационална кариера, а најмногу се задржа во романскиот шампионат, кој важи за една од најсилните лиги во женска конкуренција. Од наредната сезона ќе го замени дресот на Глорија Бузау со тој на Дунареа Браила.

Натпреварот за Македонија и Норвешка освен одржување на формата на двете селекции немаше големо резултатско значење. Норвешка е убедлива на табелата во ЕХФ ЕУРО Купот пред Словенија, Црна Гора и Македонија.
Дуелот за престиж само ја потврди доминацијата на скандинавките во женскиот ракомет, двете селекции се пласирани на Европското првенство 2022, Македонија како еден од домаќините, а Норвешка како актуелен владетел на стариот континент.