Денеска на Светското првенство 2023 во Полска и Шведска продолжија натпреварите од главната фаза, односно борбите за четвртфинале. На денешните натпревари, кои што беа одиграни во терминот од 15:30 часот победа остварија репрезентациите на Шпанија, Зеленортските Острови и Чиле.
Шпанија со победата над Словенија од 31:26 (15:15) веќе обезбеди пласман во четвртфиналето на Мундијалот, бидејќи во својата група дојде до осум бода. Ракометарите на Шпанија на свое конто имаат два бода повеќе од Франција, која има натпревар помалку, а Словенија моментално останува на 3. позиција со четири бода.
Селекцијата на Шпанија се соочи со силен отпор од страна на Словенија, која на голот го имаше расположениот Урбан Лесјак. Иако ,,црвената фурија” одлично го стартуваше натпреварот, поведе со 2:0, имаше и плус четири гола разлика по пет минути игра, 6:2, сепак, избраниците на Урош Зорман не се предаваа, заигра поангажирано во следниот период и во најголемиот дел од дуелот рамо до рамо се носеа со светскиот шампион од 2013 година.
Откако Шпанија водеше со 7:3, следуваше серија на Словенија од 4:0 за израмнување на резултатот на 7:7. Членот на Еурофарм Пелистер, Урбан Лесјак блескаше на голот и првото полувреме го заврши со девет интервенции. Шпанија никако не можеше да се одлепи на поголема разлика од два гола и речиси до крајот на првиот дел се играше гол за гол, па така резултатот најчесто беше нерешен.
Словенија на почетокот на второто полувреме со голот на средниот бек Доленец за првпат поведе на натпреварот со 16:15. Селекцијата на Зорман уште во неколку наврати беше во минимално водство. Откако резултатот гласеше 19:19, ракометарите на Шпанија со подобра фокусираност во напад и одбрана, односно со серија од 2:0 се одлепија на 21:19 во 40 минута.
Словенија за момент намали на 21:20, но избраниците на Жорди Рибера за неколку минути игра зголемија на 24:20 и до крајот на дуелот одржуваа дистанца од три до четири гола разлика. Во последните десет минути немаше поголема промена на резултатот, словенците брзаа за да се вратат во игра и да дојдат до евентуален камбек, но поискусната репрезентација не дозволи да има никакво изненадување.
Во последното, трето коло, од првата група, селекцијата на Шпанија ќе игра против Франција. Словенија во последниот натпревар од групната фаза силите ќе ги одмери со Црна Гора.
Португалија триумфираше против Зеленорските Острови со 35:23 (12:14) остана во игра за пласман во четвртфиналето. Ракометарите на Љубомир Обрадовиќ дадоја голем отпор во првиот дел, но во вторите 30 минути немаа сила да направат нешто повеќе. Селекцијата на Португалија на полувреме имаше предност од само два гола разлика, 14:12, додека во вториот дел одигра далеку подобро, постигна 21 гол, а прими само 11 погодоци.
Во натпревар од Президент Купот, Чиле славеше убедлива побеа над Уругвај, со резултат 34:24 (17:13).