Женската репрезентација на Шпанија го освои првото место на Медитеранските игри во Алжир, откако во финалето ја совлада Хрватска, со резултат 29:25 (17:13). Шпанија во своите учества на Медитеранските игри имаше освоено два златни медали, во 2005 и 2018 година, како и три бронзени медали во 1987, 1991 и 1993 година.
Во текот на целиот натпревар, Шпанија имаше резултатска контрола и во ниту еден момент не им дозволи на избраничките на Ненад Шоштариќ да се надеваат на евентуален пресврт. Водството од воведниот дел на Шпанија од 4:0 беше јасен знак дека Хрватска ќе ја очекува тешка борба со „црвената фурија“. Ракометарките на Шпанија во првите 30 минути во неколку наврати имаа водство од четири-пет гола разлика, а на полувреме заминаа со предност од 17:13.
Хрватска во второто полувреме се обидуваше да дојде до егал, но сите акции за резултатски приклучок завршуваа без успех. Шпанија рутински го контролираше стекнатото водство од првиот дел, иако имаше периоди во кој доаѓаше до опуштање во нејзините редови, но Хрватска во второто полувреме единствено успеа да намали на 20:19 и до крајот немаше сили за камбек во натпреварот.
Во борба за 3. позиција, репрезентацијата на Србија ја совлада Португалија, со резултат 26:22 (10:12). Србија во победата за освојување на бронзениот медал беше предводена од десниот бек, Александра Вукајловиќ и ракометарката која настапува на позицијата лев бек, Јована Јововиќ. Двете ракометарки постигнаа по седум гола во мрежата на Португалија.
Македонија на Медитеранските игри го освои седмото место, откако во последниот натпревар го совлада домаќинот Алжир. Селекторот на Македонија, Љубомир Савевски во Алжир настапи со состав од кадетско-младински микс на ракометарки.