Пред нас е уште едно големо ракометно натпреварување, овојпат Светското првенство во машка конкуренција, кое од 11 до 29 јануари ќе се одржи во Полска и Шведска.
И покрај тоа што се еден од организаторите Швеѓаните не можат целосно да се израдуваат на домашниот терен и големата шанса која е пред нив. После три големи натпреварувања по ред кои беа со тешки пандемиски ограничувања, скандинавците се надеваа на „нормално“ Светско првенство, каде нема да бидат под константна закана за тестирања и останати Ковид протоколи.
Сепак тоа нема да биде така бидејќи ИХФ бара задолжително тестирање на сите ракометари пред СП како и пред втората фаза и четвртфиналето.
Најмалку пет дена во карантин
Доколку еден ракометар е позитивен ќе мора најмалку пет дена да биде во карантин, а потоа е должен да прикаже негативен ковид тест. Ова посебно ги вади од кожа Швеѓаните кои се потсетуваат на случајот на својата ракометарка Копанг која беше позитивна а без никакви симптоми, по што мораше да ја пропушти целокупната прва фаза на ЕП.
Помошникот тренер Михаел Апелгрен не може да ја свати оваа ситуација, а воедно застана на страната на својата федерација и го обвини ИХФ за ова сценарио.
„Тажни сме. Верувавме дека тие денови се минато.Знам дека нашата ракометна федерација не е таа која се залага за тоа, туку ИХФ. Не разбирам зошто се прави ова. Во Шведска „Корона ерата” е завршена и повеќе не се класифицира како друштвено опасна болест. (од 1 април).Никој не се плаши од короната, но се плашиме од неуспешен тест. Воопшто не е забавно да го пропуштите домашното Светско првенство“, вели Апелгрен за „Афтонбладет“.
Како резултат на сето тоа Швеѓаните се принудени да променат дел од својот планиран протокол пред Светското првенство. Нема да биде дозволено потпишување автограми и сликање со фановите пред пријателскиот натпревар со Србија, а веројатно и за време на СП. Домаќините жалат за таа можност бидејќи како домаќини ја пропуштаат шансата да бидат „популарни” меѓу својот народ.
„Голема штета е кога играте СП на домашен терен, а не можете да функционирате онака како што ние функционираме моментално во Шведска. Тажно е бидејќи не можеме да потпишуваме автограми и да се сликаме со децата и младите за време на првенството, и имаме можност да бидеме бар малку популарни“, заврши Апелгрен.