Актуелниот бранител на титулата во Суперлигата, Вардар со победа стартуваше во плеј-оф фазата, откако на свој терен триумфираше против составот на Пролет, со резултат 30:23. Вардар во последниот период при резултат од 21:19 направи серија од 5:0, дојде до 26:19 и рутински ги одработи последните десет минути.
Воведниот дел, како и поголемиот дел од првото полувреме мина во израмнета борба, во која Вардар имаше минимална предност, но без голема комоција во играта. Откако беше 2:2, избраниците на Недановски влегоа во брз ритам и со погодоците на Чувара и Мишевски стигнаа до ,,плус три” 5:2. Сепак, тимот на Пролет, беше мотивиран во дуелот со ,,црвено-црните”, не дозволуваше домаќинот да има премногу простор за напредок, па така со серија од 3:0 израмни на 5:5 во 10-та минута.
Следуваше период, во кој се играше гол за гол и резултатот најчесто беше нерешен. Ракометарите на Пролет го презедоа водството, поведоа со 10:9 и во уште неколку наврати беа во минимална предност (11:10, 12:11). Вардар го имаше расположениот Чувара, кој безмалку 30 минути беше незадржлив на теренот и непогрешлив од седум метри. Токму репрезентативецот на Полска го врати својот тим во водство и по нерешените 12:12, домаќинот имаше 13:12 во 22-та минута.
Во последните осум минути од првиот дел тимот на Вардар успеа да ја подобри играта, се одлепи на 14:12 и до крајот на првото полувреме постигна уште три гола. По големата борба во првите 30 минути, резултатот на пауза беше 17:14 во корист за домашната екипа. Во првото полувреме дури 10 гола беа дело на левото крило Чувара.
На почетокот на второто полувреме гостинот се обидуваше да направи камбек. Иако Вардар за неколку минути игра повторно дојде на плус три позитива, односно водство од 18:15, составот на Лембанов со погодоците на Василевски и Додевски намали на минус еден гол негатива, 18:17. Заканата на Пролет беше причина тренерот Недановски да повика тај-аут во 38-та минута.
Советите од домашната клупа вродија со плод и ракометарите на Вардар со серија од 3:0 стигнаа до дотогаш највисоките ,,плус четири” и водство од 21:17. Двете екипи имаа осилации во играта, но актуелниот шампион на Македонија беше повеќе пофокусиран во играта, иако не играше со сите расположливи сили. Водството на Вардар во последниот период од натпреварот беше 23:19 и во тој момент беше скршен отпорот на упорниот Пролет.
Домаќините во последните десет минути влегоа со предност од 25:19 и рутински го одработија финишот од натпреварот, во кој гостите целосно капитулираа и дозволија домашниот тим да дојде до убедлива победа во денешниот дуел.
Најефикасен во Вардар, а воедно и на натпреварот, беше Јан Чувара со 13 погодоци. Во тимот на Пролет се истакна Александар Василевски со пет погодоци, додека по четири реализации имаа Ласко Андоновски и Филип Крстески.