Репрезентацијата на Чешка, која во априлскиот бараж за Светското првенство 2023 ќе игра со Македонија, денес против Србија во вториот пријателски натпревар славеше победа со 30:26. Србија во првиот пријателски натпревар против Чешка оствари триумф со еден гол разлика, 24:23.
Ракометарите на Хавиер Сабате денеска одиграа далеку поквалитетно за разлика од првиот натпревар. Србија само во неколку моменти во првото и второто полувреме успеа да дојде до израмнување на резултатот.
Чешка на полувреме имаше минимална предност од 16:15, додека во најголемиот дел од второто полувреме константно беше во водство од два до три гола разлика.
Предводник во репрезентацијата на Чешка беше Матеј Клима со осум погодоци. Во таборот на Тони Херона, најефикасни беа Петар Ѓорѓиќ со шест и Драган Пешмалбек со пет погодоци. Ракометарот на Вардар, Дарко Ѓукиќ еднаш се запиша во листата на стрелци.